Започнува процесот на довршување и целосна реконструкција на зградата на Театарот при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, информира министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„Проектот, кој со години се реализираше со значителни застои поради недоволно обезбедени средства од страна на минатата власт, конечно добива целосна финансиска поддршка. Во периодот 2021–2024 беа инвестирани само 31 милион денари од вкупната проектирана вредност од 174 милиони денари. Денес, Министерството за култура и туризам и Владата на Македонија го комплетираат финансирањето со дополнителни 143 милиони денари, со што се овозможува непречена реализација на проектот во целост,“ изјави Љутков.
Тој посочи дека во тек е електронската аукција по спроведената јавна набавка за избор на изведувач.
„Очекуваме реализацијата да започне веднаш по склучување на договорот, а завршувањето е предвидено до крајот на 2026 година. Куманово конечно ќе добие нов, современ театарски објект – достоен простор за културна продукција и уметничко изразување на високо ниво,“ нагласи министерот.
Реконструкцијата ќе опфати целосна внатрешна и надворешна санација на објектот, подобрување на енергетската ефикасност и пристапноста за лица со попреченост, засилување на конструкцијата, модернизација на големата сала и техничката опрема, како и реновирање на помошните простории и галерискиот простор.
Новиот театар ќе располага со гледалиште од 189 седишта во партерот, 35 на галерија и дополнителни мобилни трибини. Вкупната површина на објектот ќе изнесува 1191 квадратен метар на три нивоа – подрум, приземје и кат.
„Овој капитален проект има за цел не само обнова на еден значаен културен објект, туку и создавање на современ простор за претстави, концерти, изложби и квалитетна работа на културните работници. Театарската зграда повторно ќе стане централна сцена на културниот живот во Куманово – достапна, модерна и инспиративна за сите,“ додаде Љутков.
Никола Ивановски