14 милиони денари за културни манифестации во Куманово годинава

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово одвои 14 милиони денари за реализација на годишната програма за култура, соопштија денеска надлежните од секторот за култура и спорт.

Loading...

И годинава, како и претходните, планирано е да се реализираат 80-тина настани.

Финансиските средства планирани во буџетот на Општина Куманово согласно програмата за културни манифестации ќе бидат распределени на јавен повик со јасни и прецизни критериуми за прераспределба на средствата, со што ќе биде целосно запазено буџетското начело за транспарентност.

На повикот, посочија надлежните, ќе можат да се пријават здруженија на граѓани и фондации.

– Годинава ќе одиме со јавен повик којшто најверојатно ќе се објави до крајот на јануари или почетокот на февруари. Ќе објавиме повик до здруженијата, кои ќе можат да аплицираат, да поднесат барања. Комисијата ќе ги разгледа нивните барања ќе одлучи која манифестација со колку финансиски средства ќе учествува. Искуствата од претходните години покажуваат дека општината поддржува помеѓу 70 и 80 културни манифестации од кои некои се пообемни, поголеми манифестации, што бараат поголема организација и поголеми финансиски средства и некои културни манифестации или одбележување на настани и личности што се од помал обем и не бараат толку многу финансиски средства, изјави раководител на Одделение за култура, спорт, социјална и детска заштита Цоки Ристовски.

Од општина Куманово нагласуваат дека при креирање на годишната програма се води сметка за правична застапеност на етничките заедници.

– Во изминатите 15-ина години колку што јас сум раководител на одделението за култура и ги поддржуваме културните манифестации традиционално манифестациите кои ги поддржуваме финансиски гледаме да се застапени сите етнички заедници и верски празници. Најверојатно и оваа година кога комисијата ќе одлучува ќе има овие работи в предвид, рече Ристовски.

Детскиот ликовен камп „АСНОМ“, маскенбалот „Батко Ѓорѓија“, одбележувањето на 11 Октомври, 11 Ноември, фолклорната смотра, одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Денот на независноста, но и многу други настани, се само дел од проектите во кои се вклучени сите етнички заедници, деца и младинци од секое општинско училиште и културно-уметнички друштва.

Loading...

МИА