Заев по средбата со Бутарис: Состанокот со Нимиц одложен за почетокот на декември

Сподели со своите пријатели

Состанокот на медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц со преговарачите во спорот меѓу Македонија и Грција за името е одложен поради обврските на двете страни и пролонгиран за почетокот на декември, изјави премиерот Зоран Заев, по денешната средба во Скопје со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

– Тоа беше само желба, проектиран датум, веројатно заради обврските на двете страни е пролонгирана за почетокот на декември. Ќе се одржат ваквите средби, ги знам и деталите, не би ги објавувал затоа што организатор е господинот Нимиц, но реално знам дека нема причини за одложување на средбата, додаде тој.

Премиерот денеска се сретна со Бутарис, кој е во посета на Скопје во рамки на процесот на градење мерки на доверба меѓу двете земји и за време.

Бутарис напомена дека оваа средба и останатите, планирани во Скопје, се продолжение на дијалогот, што го имаше со Димитров во Солун на маргините на квадрилатералната средба во октомври.

– Како градоначалник не би навлегувал во политички прашања, но сепак соработката меѓу градоначалници, како претставници на локалните власти е мошне важна за натамошната соработка на двете земји и и нивните граѓани, рече солунскиот градоначалник.

Посочи дека тој секогаш проблемите ги решава од темелите, па нагоре, нагласувајќи оти зајакнувањето на соработката на властите на локално ниво ќе придонесе и за отворање на процесите за решавање на сите останати прашања меѓу двете земји.

Тој го покани Заев во приватна посета на Солун на новогодишната ноќ и истакна дека ќе се залага следната средба на премиерите на двете земји да се одржи токму во Солун.

Заев истакна дека со задоволство ќе ја прифати иницијативата да ја пречека новогодишната ноќ во Солун.

– Сериозно ќе размислам за за тоа, можеби таму ќе ја пречекам заедно со Бутарис и со премиерот на Грција Алексис Ципрас, рече Заев.

Тој напомена дека со солунскиот градоначалник се согласиле дека политичарите од двете земји имаат обврска да ги отворат перспективите на граѓаните и додаде дека тие можат да излезат како победници ако изнајдат решеие на повеќедеценискит спор со името.

Бутарис напомена дека тој како претставник на локалната власт пред се акцент става на соработката меѓу двете земји на локално ниво во различни области како бизнисот, екологијата, културата, прекуграничната соработка,

За време на неговата средба во октомври во Солун со Димитров беше договорено формирање Работна група за соработка, која ќе опфати повеќе општини од двете земји.

Информира дека ќе се зајакне соработката во врска со каналот Вардар-Дунав, планирано е организирање заеднички настани на локални ниво во сферите на културата, екологијата, образованието и социјалните прашања.

– Сметам дека поради постоење на силна желба за соработка ова ќе биде успешно. Ваквиот пристап ќе овозможи да се урнат сите граници, кои постоеја досега, додаде Бутарис.

Заев напомена дека е договорено иницијативата на претседателот Ѓорѓе Иванов за регатата, која се случува од Скопје, наместо да завршува на границата, да продолжи до Солун и тоа следната пролет. Ќе се реализира и идејата договорена со Димитров за организирање винска туристичка мапа, поврзувајќи ги винските градови на двете земји, а планирана е и реализација на идејата сите општни во јужниот дел на Македонија да имаат можност да влезат во ИПА компонентите за меѓугранична соработка со општините од северниот дел на Грција.

Извор: МИА

Loading...