Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со конвенција вечерва во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ги претстави кандидатот за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски и листата со кандидати за советници, предводена од Атина Мургашанска.
Loading...
На конвенцијата беа презентирани и дел од програмските цели на партијата со која ќе ја бараат довербата од граѓаните на претстојните локални избори закажани на 15ти октомври. Поддршка на Димитриевски му прижуја истакнати лица од врвот на партијата, меѓу кои Оливер Спасовски, Петар Атанасов, Фросина Ременски, Александар Кирацовски, но и партиските кандидати со кои тој се натпреваруваше за кандидатурата, Љубиша Николиќ и Александар Арсиќ.
Прв на конвенцијата се обрати шефот на изборниот штаб на СДСМ, Мартин Костовски,кој рече дека ќе кандидатите ќе бидат присутни во секоја урбана заедница на градот и ќе организираат средби со граѓаните до кои ќе ја доближат програмата „За живот во Куманово“ .
– Нема да ветуваме фиктивни и нереални работи, ниту ќе ги решиме сите проблеми, но важна е посветеноста, присутноста на терен, низ целиот град, низ селата, низ улиците, соседите и пријателите. Ќе предлагаме, но и ќе слушаме. Вчера во оваа сала за прв пат беше организирана трибина соочување со кандидати за градоначалници, Зоран Ѓоѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ, повторно избегаа, но едно знам на 15ти октомври нема каде да бегаат, рече Костовски.
Свое обраќање пред симпатизерите на партијата во Куманово имаше и генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски кој посочи дека Димитриевски и кандидатите за советници ќе победат уште во првиот круг, а со тоа, како што вели, ќе започне процесот кој е започнат во Република Македонија, да се живее во слобода и соживот.
– Максим и новите советници ќе имаат два предизвика. Еден мал и еден голем предизвик. Малиот предизвик е да покажат различно владеење на онаа на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е лесно, лесно е нашиот Максо, кој е чесен, со кредибилитет, интегритет, да покаже како се владее чесно, многу поразлично од Груевски и сите нивни досегашни градоначалници. Големиот предизвик за нашиот иден градоначалник е како да се глади по план, чесно и одговорно, квалитетно, како да се обезбеди инфраструктура во секое населено место во Куманово, како во секоја куќа да има одвод, довод и канализација. Предизвик е како да се обезбеди чист воздух и чиста вода, за сите нас без разлика од вера или политичка партија, рече Кирацовски.
Листата од 33 кандидати за советници ја претстави Атина Мургашанска, првиот жена носител во историјата на изборите. Како што посочи Мургашанска, токму љубовта кон градот е заедничкиот именител за сите кандидати за советници.
– Сите наши кандидати за советници се различни и исти. Различни по етничка, родова и професионална структура, а исти во мултиетничкиот концепт за раководење на општината. Сите не води иста идеја и цел, што можеме ние да направиме општината, а не општината за нас. Не има Македонци, Срби, Албанци, Роми, Турци, не има земјоделци, бизнисмени, лекари, правници и професори, но сите до еден ќе се вложиме во граѓанскиот мултиетнички концепт за раководење на општината. Кандидатите ќе бидат тие победници кое ќе го имаат идното убедливо мнозинство во Советот на Општина Куманово, рече Мургашанска пред преполната сала на Центарот за култура, додавајќи дека приоритет ќе бидат потребите на граѓаните, а советниците нивен сервис.
Кандидатот за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски претстави дел од програмата со која ќе ја бара довербата на граѓаните. Како што посочи, нема намера да ветува, туку во мандатот да реализира проекти и дека Куманово ќе го земе своето, 7% кои ги дава на државата, да бидат вратени за да се инвестира за потребите на кумановци.
– Да изградиме нов цевковод за комплетно решавање на проблемот со водоснабдувањето во Општина Куманово, нови 500 литри во секунда, дотур на вода до фабриката за прочистување на вода. Бенефитот да го почувствува секој граѓанин од реалната гасификација во Куманово со тоа што ќе го докапитализираме Јавното претпријатие „Куманово гас“ и ќе внесеме нов реагенс во секој дом, а со тоа ќе постигнеме повисоко ниво на еколошка свест и ќе се спасиме од аерозагадувањето, бидејќи денеска во нашиот град и држава гори и согорува кој што стигне, бидејќи ниското ниво на социо-економската состојба не им дозволува на граѓаните поубав и подобар живот, вели Димитриевски.
Како што посочи кандидатот на СДСМ, има намера да го реши сообраќајниот хаос во градот, да обезбеди нови места за пешаците и нови патеки за велосипедистите.
– Тоа нема да биде воопшто лесно, ќе ми треба огромна помош тргнувајќи од сите вас, завршувајќи со секој еден граѓанин во нашата општина. Ќе мора да работиме многу на сообраќајната култура, едукација, а паралелно со тоа ќе градиме нови катни гаражи согласно новиот сообраќаен план во градот и нови сообраќајни површини се со единствена цел, да дадеме можност еден ден, бидејќи ние како млади родители го немавме тоа задоволство, нашите деца да ги туркаат своите деца во количка од кога ќе тргнат од дома и да стигнат до централното градско подрачје, истакна Димитриевски.
И Димитриевски, но и останатите говорници му се заблагодарија на се уште актуелниот градоначалник Зоран Дамјановски, затоа што, како што велат, ќе наследат општина со чист образ.
Дамјановски инаку беше единствениот истакнат член на партијата кој не присиствуваше на вечерашната конвенција поради патување во странство.
Loading...