Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров престојуваат во дводневна работна посета на Брисел каде ќе реферираат за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за европска интеграција.
Во тек на посетата, информираат од СЕП и МНР, вицепремиерот Османи и министерот Димитров ќе имаат средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. На средбите ќе се разговара за новите можности на евроинтегративните процеси на Република Македонија, кредибилноста на процесот на проширување на Унијата, а ќе бидат отворени и темите за регионалните предизвици во контекст на соработката на земјите од Западен Балкан.
Loading...
Во рамки на посетата на Брисел, вицепремиерот Османи ќе учествува и на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, организиран под покровителство на постојаните претставници на Шведска и Бугарија во ЕУ, каде заедно со министерот Димитров ќе реферираат за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за европска интеграција, како и за останатите активности во насока на европските амбиции на земјата.
Вицепремиерот Османи ќе има и свое обраќање пред независниот тинк тенк институт, Европски центар за политика (ЕПЦ), на тема, „Планот 3-6-9: понатамошно унапредување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“, а ќе оствари средба и со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Геновева Руиз Калавера.
Извор: МИА