Нов модел на отворена и услужна локална самоуправа за граѓаните на Куманово, најави кандидатот за градоначалник од редовите на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата, Максим Димитриевски.
На денешната прес конференција Димитриевски истакна дека граѓаните ќе добиваат навремени, квалитетни и евтини услуги од општината и тоа на едно место од локалната и од централната власт, преку т.н. мобилни канцеларии.
Воведуваме електронски систем на услуги и мобилни канцеларии кои ќе нудат услуга во секое населено место и село. Ги вклучуваме граѓаните во креирањето на буџетот со нов концепт за граѓански буџет. Ја враќаме моќта на месните и урбани заедници и ги опремуваме со технички услови и го зајакнуваме нивниот капацитет. Обезбедуваме ефикасен јавен превоз, пријатни детски градинки, чисти и згреани училишта, обезбедуваме поддршка и помош за најзагрозените семејства и лица во нашата општина. Гарантираме признавање и препознавање на сите демократски механизми во општеството како референдум и самоизјаснување – рече Димитриевски.
Во меѓувреме Димитриевски, заедно со кандидатите за градоначалници оствари средба со граѓаните на повеќе локации низ Куманово, пред кои ја презентираат програмата за претстојните избори закажни за 15 октомври.