22.04.2017 10:48

„MS-13“ – Една од најопасните банди во светот со мотото „Убиј, силувај, контролирај“(фото+видео)

Facebook Twitter Google+

Серија на брутални убиства во САД повторно го привлече вниманието кон MS-13 – улична латино банда, настаната во Лос Анџелес, но со далечни корени во Ел Салвадор.

Последното од серијата е масовното убиство во понеделникот во Лонг Ајленд, каде што беа најдени четири вандализирани машки тела, три од нив на тинејџерска возраст, скриени во шума, соопшти полицијата.

На Твитер, Доналд Трамп ја окарактеризира бандата како “опасна”. Главниот обвинител Џеф Сешнс вети дека ќе ја “уништи”. И едниот и другиот ја обвинија емиграционата политика на администрацијата на Обама за подемот на криминалната група.

Но, што всушност е MS-13, и навистина ли e Обама виновен? – прашува BBC.

 

loading...

Репутација на екстремно насилство

Бандата се раѓа во латино квартовите на источен Лос Анџелес во 80-тите години, формирана од емигрантите кои избегале од долгата и брутална граѓанска војна во Салвадор. Другите членови на бандата потекнуваат од Хондурас, Гватемала и Мексико.

MS е кратенка за Mara Salvatrucha – комбинација од mara, што значи „банда“, salva – што алудира на Ел Салвадор, и trucha – што приближно се преведува како “способност да се преживее на улицата”. 13 потекнува од местото на буквата M во абецедата.

MS-13 изградуваат репутација на криминалци кои прибегнуваат кон екстремно насилство и убијци со мачети. Првично виреат во квартовите доминирани од мексикански банди, а потоа навлегуваат и во други делови на САД. Според ФБИ, моментално бандата е присутна во дури 46 сојузни држави.

Во 2012 година, американското Министерство за финансии ја прогласи MS-13 за “интернационална криминална организација”. Со тоа, MS-13 стана првата улична банда на која ѝ е укажана таква „чест“ и ѝ се припишува така голем степен на криминалност, што ја става на исто ниво со многу поголеми меѓународни картели, како мексиканскиот Зета, јапонската Јакуза и италијанската Камора.

 

 

Брутална иницијација

MS-13 е обвинувана дека привлекува сиромашни тинејџери од семејства со тежок живот. Вклучувањето во бандата, според познавачите, бара  „инклузија“ – при што кандидатот се подложува на тежок ќотек во времетраење од 13 секунди, а потоа и исполнување на „влажна нарачка“ – т.е. извршување на кривично дело, многу често не помало од убиство.

Напуштањето на бандата е уште поопасно. Големите тетоважи на градите ги бележат нејзините членови за цел живот, а одредени фракции дури и ги убиваат членовите кои ќе се обидат да ја напуштат бандата.

Во 2008 година, ФБИ проценува дека MS-13 брои од 6-10 илјади членови во рамките на границите на САД, што ја прави една од најголемите криминални организации во земјата.

Во моментов бандата е многу побројна надвор од земјата, тврди агенцијата. Активната борба против гангстерските банди на крајот на 90-тите години, натера стотици од раните членови да се вратат во централно-американските земји од каде што доааѓаат, каде сега тие имаат создадено домашни банди, „подружници“ на оригиналните криминални организации како MS-13. Се проценува дека во моментов бројот на членови на бандата во земјите од Средна Америка е барем 60.000.

Годишна приход на MS-13 e околу 31.2 милиони долари. Податокот е базиран на информациите на весникот El Faro, добиени од големата полициска операција во Салвадор. Најголем дел од парите доаѓа од дрога и изнудување.

 

Убивај, силувај, контролирај

Меѓу неодамнешните случаи од висок профил во кои е вмешана бандата, е и убиството на две средношколки – со мачети и бејзбол палки, додека се движеле низ родниот кварт во Њујорк минатиот месец. Убиството е одмазда за прилично незначителен спор, тврди полицијата.

Четворица членови на MS-13 беа изведени пред суд за ова злосторство. Истовремено, други двајца беа обвинети за убиство на член на бандата, за кого се тврди дека го прекршил „гангстерскиот морален кодекс“.

Истиот месец, двајца членови на бандата во Хјустон, Тексас, беа изведени пред суд под обвинение за киднапирање на три тинејџерки кои биле држени како заложнички и силувани. Едната е застрелана, а нејзиното тело е фрлено крај патот.

За време на судското сослушување, 22-годишниот Мигел Алварез-Флорес и 18-годишниот Диего Ернандез-Ривера се смееја и им мафтаа на камерите на новинарите.

Мотото на MS-13 е “убивај, силувај, контролирај”, соопштува специјалист од ФБИ во полето на уличните гангстерски банди, кој меѓу другите ја истражува и оваа.

За што е крив Обама 

Трамп и Сешнс сеприсутноста на MS-13 во САД му ја припишуваат на поранешниот претседател Барак Обама. Тие тврдат дека неговата политика на “отворени врати” за емигрантите помогнала во експанзијата на бандата.

Само што, реалноста е дека MS-13 се формира и постигнува процут во САД многу пред Обама да дојде на власт. MS-13 е идентификувана како сериозна закана уште во 90-тите години, а во ФБИ е формиран посебен оддел за справување со Mara Salvatrucha уште во 1994 година.

Големиот пик во популарноста на бандата се случува за време на мандатот Буш-Чејни. Тогаш разните кампањи за „цврста рака“ и „конечно справување со криминалот“ вродуваат со спротивен ефект и практично ја стимулираат нелегалната имиграција од Централна Америка. Притоа затворите се полнат до последен кревет, додека истовремено финансирањето на програмите за рехабилитација се намалува, коментира Фултон Армстронг – истражувач во Центарот за латиноамерикански студии на Американскиот универзитет.

„Нема никакви докази дека администрацијата на Обама носи некаква вина за постоењето или активностите на бандата во САД“, коментира Јоан Грил – автор на книга за гангстерскиот криминал во САД.

Напротив, администрацијата на Обама водеше агресивна програма за депортација на сторителите на кривични дела, особено од организираните групи – вклучувајќи ги и членовите на MS-13. Затоа, Politifact – кои се занимаваат со фактолошка проверка на говорите и изјавите на политичарите, го прогласија тврдењето на Трамп како неточно.

Меѓутоа, очекувано е дека Трамп да го користи секое криминално дело од латино-американец за да ја зацврсти својата позиција. Сепак, барем половина од својата кампања ја истера врз ветувањето дека ќе изгради ѕид кон Мексико.


© Со преземање на содржината ги прифаќате Условите за преземање содржини
Loading...

Последни наслови

Facebook Comments