Левица предлага итни мерки за загадувањето до градоначалникот и Советот на Општина Куманово

Сподели со своите пријатели

Локалниот огранот на Левица од Куманово упати неколку предлог мерки за решавање на проблемот со загадување, до градоначалникот и Советот на општината.

Во соопштението испратено до медиумите наведуваат дека е се поголем бројот на лицата кои заболуваат од респираторни и алергиски заболувања поради загадениот воздух, а досегашните градски татковци немале политичка волја да го решат проблемот.

Соопштението го пренесуваме интегрално:

„Сведоци сме дека проблемот со аеро-загадувањето во големите градови во Македонија, вклучително и Куманово, во зимскиот период станува екстремно критичен и еволуира до точка да претставува закана по здравјето на луѓето и останатиот животински свет. За илустрација, на 22 ноември 2017 година индексот на квалитетот на воздухот во Куманово изнесуваше 239, додека наредниот ден дури 270 индексни единици што претставува неколкукратно зголемување над вредностите што се сметаат за безбедни за здравјето (податоците се добиени од Министерство за животна средина и просторно планирање/www.air.moepp.gov.mk). Населението живее во загадена атмосфера и смог што допринесува бројот на граѓаните со сериозни пулмолошки (астма, ХОББ, рак на бели дробови) и алергиски проблеми да достигнат алармантни размери. Причините за ваквата состојба се комплексни и не постојат од денес или утре, туку датираат веќе подолго време што само зборува за немањето компас или политичка волја на досегашните градските татковци за спроведување на мерки за санација (или ублажување) на проблемот со загадениот воздух.

Затоа Левица бара од новиот градоначалник и општинските советници итно да преземат чекори за регулирање на аеро-загадувањето во Куманово преку:

1) Стопирање на претераната урбанизација во централното градско подрачје што Куманово го направи механички збир на мноштво неповрзани елементи кои што разорно делуваат врз еко-системот на градот и не дозволуваат слободен проток на воздух.

2) Водење на зелена политика per se, со првенство во изградбата на нови паркови и зелени површини.

3) Забрзување на процесот на гасификација и намалување на употребата на дрво, јаглен, мазут и струја за греење од страна на граѓаните.

4) Информирање и едуцирање на локалното население, со ставање особен акцент на младата популација, за предностите од еколошката ефикасност, користењето на јавниот градски превоз и штетните ефекти од загадувањето,

Во спротивно, Левица стравува дека аеро-загадувањето во Куманово, што подеднакво влијае врз сите граѓани, без разлика на националната, класната, религиозната и политичката определба, ќе стане иреверзибилен процес и ќе остави трајни последици за иднината на нашиот град“ – стои во соопштението испратено до јавноста.