Две лица признаа вина за пропустите кои беа причина за смрта на детето во лифтот

Сподели со своите пријатели

Тага и солзи во очите и на оштетените и на обвинетите за смрта на малиот Петар, во судницата во Основниот суд во Куманово , каде денеска започна судскиот процес за трагично згаснатиот живот на малолетното дете кое загина при несреќен случај во лифтот во зградата во која живеело.

Од 4 обвинети субјекти двајца од субјектите , едно физичко и едно правно лице ја признаа вината поради која дел од пропустите  по член 31 од законот за техничка инспекција трагично заврши животот на шестодишно дете.

„По 18 месеци од трагичниот настан никој од нив не изрази ниту сочуство ниту каење , а сега е доцна . Се работи за мало дете кое го загуби животот поради неодговорно работење на субјекти кои имаат и законска и морална одговорност да постапуваат и се грижат за животот на семејствата кои живеат во зградите и да се грижат и за лифтовите. Сметам дека судот треба да додели правилна санкција која ќе влијае и воспитно како на обвинетите така и во иднина и очекуваме казна согласно со законот“ – вели Христијан Георгиевски правниот застапник на оштетеното семејство  Петковски.

 

Loading...

 

Дека институциите ќе донесат правилна пресуда денеска надеж изрази и таткото на Петар, Никоца Петковски.

Се надевам дека Петар ќе ја добие правдата и институциите ќе пресудат правилно , а државните институции ќе обрнат поголемо внимание и контрола кон фирмите што се одговорни кон домаќинско работење на зградите и фирмите кои работат со сервисирање на лифтовите посебно во општина Куманово, изјави Петковски.

Физичкото лице М.С. како управител на фирмата која стопанисува со зградата во која се случил инцидентот , пред судот изјави дека поради морална одговорност ја признава вината.

„Многу ми е жал за загубата на животот на детето, искрено сочуство до семејството, јас ја признавам вината„ –  рече М.С.

Неговиот бранител Борис Кондарков од судот побара при одмерување на видот на санкцијата да бидат земени сите олеснителни околности.

„При одмерување на видот на санкцијата предлагаме судот да се раководи од самото признание на вината како и од описот на делото кое се става на товар на обвинетите имајќи во предвид дека трагичниот настан не настанал како директно влијание со директно причинско последична врска“ – рече пред судот Кондарков.

Обвинителството истакна дека оваа е тешко дело против општа сигурност , а правното лице ја признало вината за делото со што судот треба да ги земе сите олеснителни и отежителни околности.

Откако две од четрите обвинети субјекти ја признаа вината судот одлучи предметот да го раздели, а против правниот субјект и управителот  кој не ја  признаваат вината, фирмата за одржување на лифтови, ќе се води доказна постапка за утврдување на вина.

Судот на правното и физичкото лице кое ја признаа вината ќе им изречат санкции, а правниот застапник побара и материјална оштета.

На 26 јуни минатата година, откако сам во лифт, каде не функционирале заштитните врати му се заглавила раката на малолетно дете, било пригмечено при што заврши со смртни последици.