Кандидатот за градоначалник на Куманово од коалицијата предводена од СДСМ, Максим Димитриевски, вечерва на средба со граѓаните на кумановската населба „Гоце Делчев“ презентираше повеќе проекти меѓу кои зелени површини и спортско-рекреативни места за оваа урбана населба.
Тој рече дека доколку ја добие поддршката ќе гради по план, со модерна инфраструктура.
– Преземам обврска во следните четири години, гасификацијата во градот да биде достапна за секој граѓанин на нашата општина. На тој начин не само што секој ќе добие поевтин енергенс, туку и ќе се намали загадувањето во општината, рече Димитриевски.
Тој најави нови катни гаражи и техничка подготвеност за јавните претпријатија во градот. Во делот на капитални инвестиции најави изградба на детски градинки, нов цевковод кон Липковска брана со кој ќе се подобри водоснабдувањето во градот. Додаде дека за крупни проекти ќе бара поддршка од Владата.
Носителот на листата, Атина Мургашанска во обраќањето пред присутните рече дека заедно со граѓаните ќе извојуваат голема победа за сите, за модерно Куманово. Таа вети освежување на урбаната населба со нови содржини, места за спорт и за најмладите.
Извор: МИА
Loading...