Бројот на бегалци во Транзитниот центар Табановце константо опаѓа

Сподели со своите пријатели

Бројката на бегалци кои се сместени во Транзитниот центар Табановце е во константно опаѓање гледано по информациите од дневните билтени на Регионалниот центар за управување со кризи.

Ако на 10-ти април биле регистрирани вкупно 1.027 бегалци, за едно деноноќие таа бројка се намалила на 955 од кои сите сместени во кампот. Ден потоа, односно на 12-ти април бројката се намалила за осум бегалци, односно изнесува 947, за да на 14-ти април бидат повторно регистрирани 955 бегалци.

Гледајќи според последниот билтен на РЦУК, пристигнат рано утринава, во текот на вчерашниот ден биле евидентирани 876 бегалци, што е за 79 лица помалку во споредба со претходниот ден.

Според волонтерите во Транзитниот центар ваквата намалена бројка е резултат на тоа што бегалците веќе два месеци се заглавени во кампот и нивното трпение излегува од контрола. Дел од нив заминуваат за Гевгелија, а дел го напуштаат кампот и се одлучуваат своите судбини да ги остават во рацете на криумчарите. Постојат и такви кои пројавиле желба да се вратат на Идомени, со оглед на тоа дека ги изгубиле сите надежи дека границата ќе се отвори.

Имено, пред два дена низ кампот проструила дезинформација дека ќе се отвори границата со Република Србија, но брзата реакција на волонтерите спречила тие да се упатат кон границата уверувајќи ги дека некој манипулира со нив и јасно ставајќи им до знаење дека отварање на границите во блиска иднина нема да има.