14 отсто од граѓаните во Македонија се обратиле кај партиски претставник за помош

Сподели со своите пријатели

Граѓаните од Западен Балкан, што бараат услуги од политичките партии имаат за шест пати поголеми шанси да бидат изложени на притисок да го заменат нивниот глас за пари/услуги во споредба со тие кои не бараат таква помош, покажува регионалната анкета спроведена во шест земји од Западен Балкан од проектот ИНФОРМ во кој од Македонија учествува Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје.

На прашањето „Дали некогаш ви биле понудени пари или услуги во замена за вашиот глас на избори?“ потврдно одговориле 23 проценти од испитаниците во Црна Гора, 21 отсто во Албанија, 15 проценти во Босна и Херцеговина и 13 во Косово, осум во Србија и седум проценти во Македонија.

Loading...

На  прашањето  „Дали  некогаш сте се обратиле кај партиски претставник за помош“, најмногу 14 проценти од испитаниците одговориле потврдно во Македонија, 13 отсто во Црна Гора, 10 во БиХ, осум во Косово и седум во Србија, додека најниска стапка од пет проценти е забележана во Албанија.

Извештајот „Неформалниот живот на политичките партии во oпштествата на Западниот Балкан“ ги анализира партиските стратегии за мобилизација на електоратот базирани на клиентелистички практики.  Проектот е спроведуван од меѓународен конзорциум предводен од Школата за словенски и источно-европски студии при Универзитетскиот колеџ Лондон.

Наодите од извештајот се примарно базирани на податоци од анкета спроведена низ земјите на Западниот Балкан во мај и јуни 2016 година, како и полу-структуирани интервјуа, етнографска работа на терен и архивско истражување.

Извор: МИА