Борбите меѓу Азербејџан и Ерменија во спорниот регион Нагорно-Карабах во Јужен Кавказ повторно се разгореа вчера вечерта со напад на ерменските позиции.
Азербејџанските војници ги нападнаа ерменските позиции на три места со артилерија и оружје од висок калибар, јави руската новинска агенција, повикувајќи се на ерменското Министерство за одбрана.
Азербејџанското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека борбите биле предизвикани од обид за ерменска саботажа.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за спорниот регион тлее со децении.
Во 2020 година двете страни водеа крвава војна за контрола на територијата, која со посредство на руските власти заврши со лабаво примирје.
Причината за конфликтот
Во 1920-тите, советската влада го формираше автономниот регион Нагорно-Карабах во Азербејџан, каде што најмалку 95 отсто од населението се етнички Ерменци. Азербејџан се граничи со Русија на север.
Проблемите во енклавата започнаа во 1988 година кога властите во Нагорно-Карабах се обидоа да се обединат со тогашната советска република Ерменија и да прогласат независност од Азербејџан, друга советска република.
Во 1992 година, по распадот на Советскиот Сојуз, избувна војна меѓу двете нови земји за контрола на регионот.
Нагорно-Карабах се наоѓа во меѓународно признатите граници на Азербејџан, но во голема мера е контролиран од политички фракции поврзани со Ерменија.
Во тој конфликт загинаа меѓу 20.000 и 30.000 луѓе, а стотици илјади од нив беа раселени.
По прекинот на огнот во 1994 година, Ерменија доби контрола над Нагорно-Карабах, но исто така окупираше 20 отсто од околната азербејџанска територија.
Ескалација на односите во 2020 година
Помеѓу 1994 и 2020 година, повремено се разгоруваа конфликти долж границата.
Во 2016 година се случија четиридневни жестоки судири меѓу Азербејџан и силите поддржани од Ерменија во Нагорно Карабах.
Но, во 2020 година се случи вистинска војна, откако Азербејџан започна офанзива преку линиите што ги држат ерменските сили и локалните борци.
Конфликтот започна утрото на 27 септември, а траеше шест недели, пишува The Washington Post.
Една од нејзините главни карактеристики беше воената поддршка на Турција за Азербејџан.
Во месеците пред избувнувањето на конфликтот, турскиот извоз на воена опрема во Азербејџан се зголеми за шест пати.
Турција и продава беспилотни летала и друга опрема на таа земја, што според експертите помогнало да се сврти бранот во корист на Азербејџан.
Русија посредуваше во мировните преговори и по договорот, Ерменија мораше да отстапи делови од териториите што ги контролираше со децении.
Руски мировници се распоредени да патролираат во регионот.
Што се случува сега?
Азербејџан на почетокот на август годинава објави дека неговите сили одбиле ерменски напад во близина на Нагорно Карабах, при што загинал еден од нивните војници.
Министерството за одбрана во Баку ја обвини Ерменија за прекршување на примирјето, велејќи дека ерменските сили се обиделе да заземат рид во областа Лачин, област контролирана од руски мировници.
Армијата во Нагорно-Карабах ги оспори овие наводи и го обвини Азербејџан за убиство на двајца војници, прогласувајќи „делумна мобилизација“.
„Примирјето со посредство на Русија не донесе ниту целосна стабилност ниту безбедност во регионот. Русија веројатно има најголемо влијание од која било надворешна сила во координирањето на примирјето, но ги потроши своите ресурси и фокус во Украина“, напишаа Алекс Фултс и Пол Стронски од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир.
Сепак, се чини дека новиот конфликт, кој изби вчера вечерта, набрзо се смирил.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот државен секретар Антони Блинкен за да разговараат за ситуацијата, но Ројтерс соопшти дека локалните медиуми објавија дека е договорен прекин на огнот.