Европа ја зафати силен топлотен бран. Велика Британија, Португалија, Шпанија и Франција се соочуваат со рекордно високи температури оваа недела.
Во понеделникот, британската метеоролошка служба издаде предупредување за ретко екстремна топлина за недела, 17 јули, бидејќи се очекува температурите да се зголемат подоцна оваа недела низ поголемиот дел од Англија и Велс.
Многу луѓе се жалат дека температурите во Велика Британија се потешко подносливи отколку во другите земји, а Метеоролошката канцеларија објасни зошто.
Имено, тоа е комбинација од бројни фактори.
„Нивото на влажност може да биде повисоко во Велика Британија отколку во континентална Европа. Ако влажноста е висока, човечкото тело потешко се лади бидејќи потта не испарува“, велат од Мет, пренесува Index.hr.
Куќи дизајнирани да ја задржат топлината
Се вели дека ситуацијата се влошува со оглед на тоа што во текот на ноќта температурите не паѓаат под 20 степени, што значи дека телото нема одмор од горештините, а со тоа и нема време да се опорави.
„Зградите во Велика Британија исто така се дизајнирани да ја задржат топлината, во споредба со потоплите земји. Исто така, климатизацијата не е вообичаена“, се вели во него.
Сепак, од Мет велат дека причините можат да бидат и психолошки.
„Кога сме на одмор во потоплите краишта, во странство, очекуваме горештини и затоа треба да бидеме поподготвени“, велат тие.
Овие изјави ги потврди д-р Каран Рајан, доктор и предавач од Универзитетот во Сандерленд.
„30 степени во Британија се како 50 на кое било друго место и се чувствувате како да се топите“, рече тој.
Температурниот рекорд во Велика Британија е 38,7 степени Целзиусови, што би можело да се надмине веќе овој викенд, соопшти Мет канцеларијата.
„Некои модели покажуваат максимални температури над 40 Целзиусови степени во делови од ОК во текот на претстојниот викенд и пошироко“, рече Ребека Шервин од Мет канцеларијата.
„Веројатно ќе има негативни ефекти врз здравјето на целата популација, не само на оние кои се најранливи на екстремни горештини, што може да доведе до потенцијално сериозни болести или опасни по живот состојби“, велат од Метеоролошката канцеларија.
„Значајно повеќе луѓе веројатно ќе ги посетуваат крајбрежните области, езерата и реките, што доведува до зголемен ризик од инциденти со вода“, додаваат тие.
Британија, исто така, може да доживее затворање на патиштата поради топење на површините, како и доцнење на железничкиот и воздушниот сообраќај поради екстремната топлина.