Рибарскиот прстен, еден од најпрепознатливите папски симболи, ќе биде уништен по смртта на папата Франциск во согласност со вековната традиција.
Тој прстен, кој потекнува од 13 век и е именуван по првиот папа – Свети Петар, Франциск го носел во текот на 12-те години од неговиот понтификат на церемониите, пренесува CNN.
По смртта на папата, камерленгото на Светата Римокатоличка црква – надбискупот одговорен за преодната фаза по смртта на папата – ќе го уништи прстенот во присуство на Колеџот на кардинали.
Иако функцијата на прстенот престанала да биде печат на официјални документи уште во 19 век, практиката на негово уништување продолжила и потоа.
Кога папата Бенедикт XVI стана првиот папа во историјата кој поднесе оставка во 2013 година, беше воведена нова традиција – прстенот беше оштетен со пресек, наместо да биде уништен.
Се очекува сегашниот камерленго, кардиналот Кевин Фарел, да ја следи оваа практика и да го оштети прстенот пред да се одржи конклавата.
Иако прстенот бил симбол на папската моќ, Франциск, во споредба со неговите претходници, носел поедноставен сребрен прстен, додека Рибарскиот прстен бил резервиран за официјални и свечени церемонии.
Погребот на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, започна денес во 10 часот наутро, пренесува Танјуг.
Церемонијата започна со изнесување на ковчегот од базиликата „Свети Петар“.
Папата Франциск ќе биде погребан денес во една од таканаречените „пет папски базилики“, Санта Марија Маџоре, во Рим, каде што ќе биде пренесено телото на поглаварот на Римокатоличката црква од базиликата „Свети Петар“.
Ватикан објави дека на погребот ќе присуствуваат 170 делегации, меѓу кои околу 50 шефови на држави и 10 монарси, пренесува Танјуг.