Доколку се потврди заземањето на украинскиот град Херсон, а засега таа информација доаѓа само од руското Министерство за одбрана, тоа би било од големо стратешко значење за Русија.
Херсон има речиси 300.000 жители. Тоа би бил најголемиот украински град кој паднал во руски раце.
Неговата стратешка улога е исто така значајна: би можел да послужи како клучна база за руската армија во навлегувањето во внатрешноста и западот, долж брегот до големиот пристанишен град Одеса.
Херсон е голем украински индустриски центар и важно пристаниште на Црното Море.
Преземањето контрола на овој град би значело и контрола на главниот извор на вода.
По руската анексија на Крим, Украина го блокираше северниот канал на Крим, прекинувајќи го најголемиот дел од снабдувањето со вода, што доведе до голем недостиг во регионот на Крим.
Затоа, деблокирањето на водоводната траса и повторното воспоставување на водоснабдувањето на полуостровот Крим беа меѓу првите цели на руската воена инвазија на Украина.