Кај народот Амиши е откриена генетска мутација која ги прави долговечни.
Луѓето кои носат една копија од нефункционалниот ген SERPINE1 живеат во просек подолго од другите членови на нивната заедница, покажа истражувањето.
Научниците ги испитувале членовите на народот Амиши во Индијана.
Тие најмногу ги избегнуваат пронајдоците на современото општество, како струјата, автомобилите, но и модерната медицина.
„Тие генерално не ги користат предностите на модерната медицина, па фактот што живеат во просек 85 години е навистина зачудувачки“, вели д-р Даглас Вон, специјалист за кардиоваскуларни болести, кој е еден од авторите на студијата.
Од 177 тестирани луѓе, 43 ја имале оваа мутација.
Стареењето е еден од најпредизвикувачките биолошки процеси за разбирање, така што наоѓањето мутација што има толку драматичен ефект е многу невообичаено.
„Постои огромен предизвик во идентификувањето на долговечните генетски предвидувачи“, рече д-р Вон.
Мутацијата SERPINE1 е поврзана со многу симптоми на стареење на молекуларно, клеточно и хормонално ниво.
Кај општата популација, слична мутација се јавува еднаш во 70.000 случаи.
Фактот дека Амишите се генерално генетски поблиску поврзани од пошироката популација, благодарение на нивните изолирани заедници, може да ја објасни релативната преваленца на мутацијата SERPINE1.