Движењето ЗНАМ – За наша Македонија започна теренска акција во Куманово, во рамки на подготовките за претстојните локални избори.
Активноста беше најавена на денешниот прес од страна на Ивана Ѓорѓиевска, член на Извршниот одбор на движењето.
Според Ѓорѓиевска, целта на оваа иницијатива е активно вклучување на граѓаните во подготовката на идната програма на ЗНАМ, преку споделување на нивните идеи, потреби и предлози, кои потоа би се интегрирале во програмските приоритети на партијата.
– Целта на оваа теренска активност е да ги поттикнеме нашите сограѓани заедно активно да учествуваме во креирање на едната програма на ЗНАМ пред претстојните локални избори. Како партија која произлезе од граѓанското движење, цело време останавме во директна комуникација со нашите сограѓани, ги знаеме добро нивните проблеми и нивните потреби, и неуморно работевме за подобрување на животните услови, вели таа.
Ѓорѓиевска изрази уверување дека Кумановци имаат капацитет да понудат креативни и издржани решенија.
– Од моето искуство како претседателка на Совет и голем број на остварени средби, посети, знам дека кумановци имаат иновативни замисли, идеи, но иако идејата потекнува директно од нив самите, активно ќе учествуваат во нивната реализација, додаде Ѓорѓиевс
Во таа насока, таа ги повика сите граѓани – без разлика на возраст или професионален статус – да се вклучат и да ги искажат своите мислења.
– Ве повикувам сите – од родители на малолетни деца, од средношколци, од студенти, возрасни граѓани, пензионери и здруженија – повторно да ги истакнеме проблемите, но и идеите како да се решат, рече таа.
На пунктовите поставени денеска на Градскиот плоштад и на Зелениот пазар, како и на планираните утрешни локации кај Градскиот кеј и Соколанскиот парк, граѓаните можат да пополнуваат анкетни прашалници.
– Отворивме пунктови кои ќе бидат активни идните недели, каде што се потполнуваат анкетни прашалници од страна на нашите сограѓани со цел идеите да останат запишани, а потоа од наша страна добро разгледани и, доколку се во ингеренции на Општина Куманово, да се ставаат во програма на ЗНАМ за претстојните локални избори. Ги повикувам и ги поттикнувам да испратат порака на официјалната Фејсбук страница на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ОО Куманово, или како и досега со пораки до актуелни функционери и советници од партијата ЗНАМ, појасни Ѓорѓиевска.
На крајот, Ѓорѓиевска истакна дека нивната цел е да изградат програма која ќе биде целосно ориентирана кон граѓаните и нивните реални потреби
– Нашата цел е да направиме програма која ќе ги опфати сите делови од општината, сите категории на граѓани и која ќе придонесе за економскиот и локалниот развој. Верувам дека ќе предложите веќе проверени практики, бидејќи Кумановци се луѓе со суштински, но и прогресивни барања. Кумановци се луѓе кои прошетале, биле и кои веруваат дека истото може да се реализира и во нашиот град. Затоа повелете на пунктовите, потполнете анкетни прашалници – сè ќе имаме во предвид, рече Ѓорѓиевска.
Никола Ивановски