На вчерашниот Втор Конгрес на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, кој се одржа во атмосфера на единство, енергија и визија за иднината, Максим Димитриевски едногласно беше реизбран за Претседател на партијата.
Во присуство на бројни делегати, членови и поддржувачи од цела држава, беа избрани и нов состав на Централниот, Извршниот и Надзорниот одбор на партијата, со што се поставија новите темели за организациско и политичко јакнење на движењето.
Во своето обраќање, Димитриевски упати силни пораки, со јасна цел, да се врати моралот во политиката, да се воспостави нов стандард на владеење и да се заштити достоинството на државата и народот.
„Ние не сме ВМРО-ДПМНЕ, уште помалку остатокот што остана од СДСМ, ние сме ЗНАМ. Ние не сме производ на транзицијата, туку одговор на нејзините неуспеси. Не се пазаревме. Не баравме фотелји. Баравме влијание за промени.“ – истакна претседателот на ЗНАМ.
Димитриевски го истакна брзиот развој на партијата, која за само една година оформи 53 општински организации и градска организација на Скопје, и се позиционира како влијателен политички фактор и коалициски партнер во Владата на Република Македонија, со министри и раководители во клучни институции.
„Нашиот приод кон власта е различен – институциите не се плен, тукуодговорност. Ние не зборуваме за реформи, туку ги спроведуваме“, – нагласи тој.
Истовремено тој најави и дека на претстојните локални избори ЗНАМ ќе настапи самостојно, со сопствени кандидати избрани по принцип на чесност, стручност и посветеност кон локалниот развој.
Во одредени општини ќе има соработка со коалициски партнери, но автономијата и интегритетот на движењето остануваат недопирливи.
„Ќе понудиме надеж што се реализира, визија што се гради и луѓе што се борат. Ние не ветуваме чуда – ветуваме работа. Не ветуваме моќ – ветуваме резултати“, – порача Димитриевски.
Во фокусот на неговото обраќање, Димитриевски испрати јасна и недвосмислена порака за идентитетот, достоинството и патот на Македонија.
„Ние како ЗНАМ кажавме гласно и јасно: Никој нема право да преговара за македонскиот идентитет! Јазикот, историјата, културата и самобитноста на македонскиот народ се неприкосновени! Тие не се валута за размена, туку вредности за одбрана! Македонија има место во Европската Унија. Но нема да влеземе во ЕУ како народ без идентитет, туку како Македонци со достоинство, свој јазик, своја историја, своја гордост! Нашиот пат е европски, но нашата душа е македонска. Движењето ЗНАМ не е само партија, тоа е завет на борбата и гласот на еден народ што одлучи повеќе да не молчи, туку да ја крене Македонија високо, да ја брани со чест, да ја води со срце и да ја изгради како држава на достоинство, слобода и иднина – македонска по дух, европска по визија, праведна за сите“.