Сезоната на змии календарски започна, иако поради пониските температури оваа година се уште не се толку зачестени нивните појави во урбаните средини.
Компанијата „Плант медика“ од Куманово врши заловување на влекачите, а нејзиниот сопственик Владимир Димковски вели дека сезонава имале само еден повик.
– Мислам дека имавме еден повик во околината, викендица во Старо Нагоричане, но немаме работено, човекот потоа не се јави. Мислам дека е се уште рано, календарски не, но временските услови допринесуваат до тоа се уште да немам експанзија, вели Димковски.
Оние змии кои ќе влезат во нечиј дом, вели Димковски, се заталкани единики, кои тука дошле во потрага по храна или засолниште.
Најчесто добиваат повици за интервенции на викендици, а многу ретко во урбани средини.
– Најчесто е на периферија на градовите, викендици, викенд куќи во природа, во урбани средини многу ретко. Имавме неколку ситуации, еден планински смок во багажник од авто донесен на мајстор од Велес. На периферија на градови залутано по храна единка влезе во куќа, се пикне во гипс картон, па кршиме ѕидови и такви работи генерално, појаснува Димковски кој има 25-годишно искуство со влекачите.
Вели дека нема простор за паника кај населението, оти од 16 видови регистрирани змии во Македонија, само три се отровни, но тие живеат претежно на високи надморски височини.
– Имаме некаде околу 16 вида од кои три се отровни, поскок, шарка и еден вид на смок, мислам дека не треба населението да се плаши, тоа се отровниците живеат над 1.000 метри, можно е на некоја пониска височина поскокот да се јави, но од човекот се бега, луѓето бегаат од змиите, змиите бегаат од човекот и ретки се ситуациите каде во одење, под камен, на седнување, во такви ситуации можеме да ја преплашиме и да има каснување, генерално во урбани средини не, изјави тој.
За смоковите вели дека не се опасни, оти немаат отровни жлезди, но имало ситуација во која лани еден залутал во панел за струја.
– Навистина прекрасен примерок од околу два метри, беше заглавен во панел за струја и беше малку незгодно да го отстраниме. Го чекавме скоро 24 часа да излезе за да го заловиме и безбедно го пуштиме во природа. Како има залутано стварно не знам, треба да се помине цел булевар, од една страна, од друга страна се комлекс на згради, меѓутоа ете се случува, вели овој дипломиран земјоделски инжинер, кого судбината го навела да работи и со заловување змии.
Вели дека не ги убиваат змиите, за да не се наруши ланецот на исхрана во природата, оти тие се многу важни во тој синџир. Ги заловуваат и подоцна ги пуштаат во природата.
– Тие доаѓаат по храна и некаква сигурност. Ссновна храна за змиите се жабите и глувците, ние ако направиме убава и детална дератизација на тие објекти тие немаат причина да доаѓаат тука, појаснува експертот.
Тој апелира луѓето да не остваруваат сами контакти со змиите, оти вели, треба искуство и знаење, а пред се да се процени дали станува збор за отровница.
– Страв е во прашање, дали се плашиме од змии, дали сме имале искуство, како да ги фатиме како да не се изложиме на опасност тоа е едно веќе животно искуство. Јас не препорачувам такви контакти кога е змијата во прашање бидејќи првин не знаеме дали е отровница или не, детерминацијата ја врши самото лице, малку е проблематична, подобро да не се чепка, додава Димковски.
Македонија нема институција во која може да се обратите во случај дома да ви влезе змија.
Плант Медика е единствена фирма која освен со дератизација и дезинфекција, се занимава и со заловување на влекачите, па кога граѓаните ќе се јават во Центарот за управување со кризи оттаму ги упатуваат кон кумановската компанија.
Никола Ивановски