Злато, девизи, поголема количина домашна ракија, но и музички инструменти заплениле царинските службеници на Граничниот премин Табановце во неколку различни обиди за шверц.
Во првиот случај полицијата открила поголема сума на евра, златни монети, но и златна плочка при обид да бидат изнесени од државата.
– 13.900 евра, 3 златни монети и 1 златна плочка од околу 90 грама се откриени од страна на мобилен царински тим кај двајца грчки државјани кои се пријавиле за излез од државава на граничниот премин Табановце автопат, информираат од Царинската управа.

При личен претрес на лицата, како што стои во соопштението, во џебот од јакната на возачот биле пронајдени 23.900 евра, а во неговиот паричник и во преден џеб од неговите панталони биле пронајдени 3 златни монети, секоја со маса од околу 8 грама и една златна плочка со маса од околу 90 грама.
– Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 13.900 евра, златните монети и златната плочка се привремено задржани, велат од Царина.

Цариниците заплениле и неколку музички инструменти кои патник не ги пријавил при обид за влез во Македонија.
– На влез на граничниот премин Табановце се пријавил патник кој со себе имал АТА карнет, но при контрола од страна на царински службеници во багажениот простор помеѓу пријавените музички инструменти пронајдени се и 4 парчиња нови звучни кутии, употребувана електрична гитара и употребуван модул за електрични тапани кои не биле опфатени во АТА карнетот, а патникот не ги пријавил, информираат од Царинската управа.
Во трет случај пак биле запленети дури 60 литри домашна ракија.
– На граничниот премин Табановце, по насоки од Одделението за дежурен царински центар извршен е детален преглед на возило, пришто се пронајдени 60 литри домашна ракија, велат од Управата.
Од страна на возачот, како што стои во соопштението, пријавени биле само неколку мали канти со сирење и патнички торби, а ракијата која била во пластични шишиња и туби е откриена во задните врати под тапацирот, во кровот, под хаубата и во патнички торби.
Никола Ивановски

