Откако викендов ја објавивме изјава на првиот човек на градот Зоран Дамјановски во кој тој зборува за финансиската состојба во која се наоѓа Женскиот ракометен клуб Куманово, денеска со своја реакција се јавија и од управата на клубот и истата ви ја пренесуваме интегрално.
Оваа соопштение Ви го испраќаме како одговор на видувањето на г-динот Градоначалник Зоран Дамјановски за финансиската состојба во женскиот ракометен клуб Куманово објавено во петок во неколку локални медиуми не можејки да останеме равнодушни бидејки од за нас непознати причини беа изнесени неколку тези кои сметаме дека треба да ги демантираме.
Во самиот почеток г-динот Дамјановски тврди дека ЖРК Куманово е приватен клуб управуван од како што не нарекува „некои ентузијасти“ , веројатно воден од податокот дека кај нас финансирањето од приватниот сектор има учество од преку 80% за што сме многу благодарни до сите наши многубројни, скромни но верни подржувачи . Сакаме да ја запознаеме јавноста со фактот дека Здружението ЖРК Куманово е регистрирано како непрофитабилно здружение на граѓани и како такво не може да биде приватно и дека ниту еден од неговите основачи и управители не остварува никаква финансиска добит, односно сосема спротивно од Акционерско Друштво како што е регистриран единствениот спорски клуб во нашиот град кој се натпреварува во ист ранг како нас во некој од колективните спортови за кој граѓаните на Куманово преку буџетот го финансираат со преку осум милиони денари годишно, десетина години наназад.
Што се однесува до нас ентузијастите који го преземавме клубот со растурен ростер од претходната управа, сакаме да ја запознаеме јавноста дека на повик и иницијатива на г-динот Дамјановски се организира состанок во градоначалничкиот кабинет каде што договоривме три работи во врска со преземањето на клубот, се со цел да го спасиме од гасење нашиот најконстантен и најтрофеен клуб и да го вратиме во победничките патеки. Значи на состанокот беше договорено за користењето на салите за тренинг и натпревари, исто така беше договорен бесплатен превоз за сите екипи кои се натпреваруваат во системот на натпреварувања организиран од РФМ и како последно и најважно беше договорена гарантирана финансиска помош во висина од 700.000 денари годишно.
Првите две договорени работи со ретки исклучоци доста добро функционираат, додека истото не може да се каже кога е во прашање финансиската помош. Имено во ниту една од трите сезони не ни беа во целост уплатени цврсто ветените финансиски средства , односно уплатите едвај достигнуваа четириесетина проценти од ветеното. Кога екипата ја освои првата лига и експресно се врати во Супер лигата на наше барање во кабинетот на градоначалникот одржавме нов состанок инсистирајки да ни се уплати долгот а понатаму да ни се зголеми помошта поради зголемените трошоци на натпреварувањето , ни беше речено дека ќе ни се уплати половина од долгот а во понатамошниот период и понатаму да сметаме на сигурни 60.000 денари секој месец, но за жал ни тоа не се оствари.
Околу учеството на ЖРК Куманово во како што кажува г-динот Дамјановски „некој европски куп со некоја шпанска екипа“ сакаме да потенцираме дека ЖРК Куманово регуларно избори право на настап во европскиот Челенџ куп со освојување на четвртото место во Супер лига на РМ, и дека не моравме да платиме на некоја екипа да ни го отстапи местото и многу жалиме што ждрепката беше немилосрдна и не ни се падна некоја екипа од Бугарија или пак Косово да можевме да им ја наполниме мрежата.
Што се однесува до изјавата за наводните разговори во септември и сугестијата дека требало да се играат двата натпревара во Куманово сметаме дека се крајно несериозни бидејки во септември ние немавме никаква комуникација, односно бевме грубо игнорирани за што сведочат дописите и барањата који ги испративме до ОСС за који не добивме никаков одговор, а на сите им е јасно дека за играње на два натпревара на домашен терен е потребна согласност од гостинската екипа , која во овој случај воопшто не беше заинтересирана.
Г-динот Дамјановски вели дека полесно било да се плати едно спиење на гостинките, па се прашуваме зошто тогаш не ја плати хотелската сметка кога баравме, како што ги покрива сметките на останатите клубови кои играат меѓународни натпревари? Сакаме да истакнеме дека ние сме единствената екипа која го носи името на нашиот град а мораше сама да финасира меѓународен натпревар на домашен терен кој не чинеше скоро 300.000 денари. Од друга страна сме задоволни што на гледачите во полната сала во Куманово им овозможивме како ретко кога да гледаат во живо една врвна екипа составена од врвни интернационалки која доаѓа од најспортската земја во светот со која во поголемиот дел од натпреварот нашите млади девојки одлично се носеа иако беше видлив дисбалансот во квалитет. Воедно и сакаме да се заблагодариме на Градоначалникот за помошта од 240.000 денари со која ги покривме билетите за играчите који се „ШЕТАА“ во Мадрид додека за билетите за тренерите и водачот на експедицијата, како и за билетите на членовите на управата који патувавме во Мадрид сами се погриживме. Г-динот Дамјановски вели дека целата енергија ја насочуваме кон него и дека буџетот е „само“ 15 милиони денари, па каде треба да ја насочиме енергијата ако не кон нашиот градоначалник кој на најдобриот градски клуб му ветил скоро 4,5% од буџетот? Треба ли да дозволиме да ни ги газат и обезвреднуваат резултатите?
За крај бараме одговор од Градоначалникот дали ќе ни ги уплати ветените средства во догледно време бидејки тие средства во целост им се ветени да им се исплатат на играчкиот кадар како стипендија и хранарина со што ќе се прекине егзодусот на млади ракометарки који на возраст од 22-23 години се приморани да ја завршат кариерата.
Моника Паневска, Маја Ивановска, Тамара Димковска, Бранислава Димковска, Елена Димковска, Наталија Зафировиќ, Тијана Зафировиќ, Ана Марија Поповска, Магдалена Јаневска се само дел од ракометарките на ЖРК Куманово који се откажаа од спортување во последните неколку години главно од финансиски причини, поради неисплатување на стипендии во висина на 2-3 дневници на деновиве актуелниот Данило Мијатовиќ.
Заедничко на сите им беше што сите се кумановки, ракомет започнаа да тренираат на возраст од 8-9 години и беа репрезентативки на Македонија.