Ракометарките на Куманово бележат пораз на вчерашниот меч во рамките на женската ракометна лига на Македонија, кој на домашен терен го играа против екипата на Металург, откако по силната борба сепак беа совладани со резултат 34:26.
Кумановки поведоа уште на самиот старт на натпреварот и добро го балансираа резултатот во текот на првата половина од средбата која заврши со резултат 11:15 во корист на гостинскиот состав.
И покрај тоа, избраничките на тренерот Антонио Ивановски се трудеа во текот на второто полувреме да ја стопат разликата на противникот, каде најубедлива со својата игра беше репрезентативката Александра Боризовска. Второто полувреме започна со два гола за ракометарките на Металург кои дадоа дополнително зголемување на нивното водство. Како одминуваа минутите од вториот дел од мечот, кумановки ја губеа можноста да направат изненадување на мечот кој сепак заврши со 34:26 за лидерот од табелата во женската лига.
Најдобри во составот на тренерот Ивановски беа Александра Боризовска и Мила Трајковиќ со реализирани 6 погодоци, додека со по четири гола мечот го завршија Бранкица Марковиќ и капитенот на екипата Викторија Пеовска.
Кумановки и натаму остануваат на третата позиција со 11 победи и шест порази, веднаш зад Вардар со два и Металург со еден загубен меч.
Следниот натпревар ракометарките на Куманово го играат на гостински терен против составот на ЖРК Овче Поле.