Ракометарките на Куманово ќе одиграат пријателски натпревар со составот на ЖРК Паок од Грција.
На иницијатива на грчкиот клуб, натпреварите се договорени да се одиграат во два дена месецов, а од управата очекуваат и продлабочување на соработката.
– Се договоривме со екипата на Паок, ќе се одиграат натпревари на 18ти и 19ти септември. Едниот натпвевар ќе биде во вечерниот термин на 18ти, најверојатно во 19 часот и следниот ден во 12:30 часот. Очекувам да ја продлабочиме соработката со овој грчки клуб, тоа е сепак гигант во Грција, вицепрвак е таму и се надевам дека уште повеќе ќе соработуваме на поголемо ниво со овој клуб, изјави Филип Додевски, член на Управниот одбор на ЖРК Куманово.
Сезоната во домашната лига веќе е започната, каде кумановки веќе имаат еден бод од натпреварот со ЖРК Вардар, кој го одиграа нерешено со резултат 30:30.
Веќе утре го играат и вториот меч од шампионатот, против составот на ЖРК Гевгелија. Натпреварот се игра во спортската сала на СОУ „Перо Наков“ со почеток во 19:30 часот.
Здравствениот билтен на ракометарките на тренерот Зоран Јосимовски е на одлично ниво, како и желбата за остварување на двојната круна оваа сезона.
Како што дознаваме од извори блиски до клубот, активно се водат преговори со две јуниорски репрезентативки од Црна Гора, кои би требало да бидат одлично засилување за клубот.