Женскиот ракометен клуб Куманово вчеравечер на домашен терен го совлада составот на ЖРК Гевгелија со резулатт 29:19 во рамките на женската ракометна супер лига.
Иако ЖРК Куманово беше фаворит на средбата против петто пласираната екипа на ЖРК Гевгелија, почетокот не ветуваше ваков исход. Во првите дваесетина минути од првото полувреме се водеше рамноправна борба, а гостинскиот тим два пати успеа и да поведе и тоа со резултат 4:5 и 7:8. Првиот исчекор е направен на крајот од првото полувреме кога со серија од 5:0 домашниот тим се одлепи и на полувреме се замина со резултат 14:9.
Со одличната игра се продолжи и во второто полувреме, кога набрзо стигна и до недостижни 9 голови разлика, 18:9. Потоа рутинирано ја одржуваше предноста и натпреварот заврши со рекордната победа оваа сезона изразена со десет голови разлика. Конечниот резултат од овој интересен натпревар е 29:19. Ова е седма победа на ЖРК Куманово оваа сезона во женската супер лига.
Капитенот Викторија Пеовска постигна свој личен рекорд оваа сезона со постигнати 12 гола на еден натпревар, а Ана Марија Поповска постигна три евро голови, особено последниот гол во последните моменти од натпреварот, гол кој ретко се гледа и на евро-сцената. Во ЖРК Куманово во листата на стрелците се запишаа и Мила Трајковиќ и Моника Паневска со по 4 реаллизирани погодоци.
Следниот натпревар женскиот ракометен тим од Куманово го игра викендов на гостински терен против лидерот во првенството ЖРК Металург од Скопје.