Жителите на „Октомвриска револуција“ од Куманово обвинуваат за злоупотреба на паркинг просторот од други граѓани и бараат регулација на паркинг зоната на овој булевар. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вели дека е донесена одлука од советот за формирање на „Б“ зона, но нагласи дека е потребна иницијатива од самите граѓани
– Го знаеме овој проблем, има реакција од граѓаните. Потребно е 50 проценти од вкупниот број на жители од станбена зграда за да се воведе одреден начин на паркирање. Барањето треба да биде упатено до ЈП „Куманово-Паркинг“ и до општината и може да се стави во функција-рече Димитриевски, на последната седница на советот, одговарајќи на прашања на координаторот на СДСМ, Томица Илиќ кој праша, кога се планира да се донесе вакво сообраќајно решение.
И Димитриевски се согласува дека има узурпација на паркинг просторот кој наменски е направен за потребите на жителите и ан трговските единици сместени на булеварот.
– Соберете согласност, станбените домари нека достават до општината, претпријатието може да ја воведе утре услугата, но останува на граѓаните дали ќе се сложат-нагласи Димитриевски.
Граѓаните од „Октомвриска револуција“ почнаа да реагираат за узурпација и недостаток на паркинг простор по интензивно градење на станбени објекти и по поставувањето на столбови кои ја заштитија пешачката и велосипедската патека.
Паркинг зона „Б“ функционира само кај противпожарната единица и нуди 30 паркинг места по цена од 25 денари со вклучен ДДВ за два часа паркирање.