Жител на Липково бил приведен вчера откако полицијата во неговото товарно возило открила 103 мигранти. Истиот првично се дал во бегство, па потоа бил уапсен.
– На 11.08.2020 во 08.50 часот од полициски службеници од Полициската станица Неготино, во близина на Прждевски споменик, Демир Капија, било сопрено патничко возило „ауди“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К.(35) од Скопје, а веднаш по него и товарно возило „мерцедес“, со битолски регистарски ознаки, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Возачот на товарното возило, А.М.(37) од Липково се дал во бегство, но по кратко бил пронајден.
– Во товарното возило биле пронајдени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија, велат од МВР.
Двајцата осомничени биле приведени во Полициската станица Неготино за понатамошна постапка.
Известен бил Јавен обвинител, а мигрантите се сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија за понатамошна постапка.
Никола Ивановски