Куманово годинава повторно ќе ја оживее женската кошарка, откако со години немаше кошаркарски клуб за дамите.
Екипата на Женскиот кошаркарски клуб Куманово веќе е составена и тие започнаа со своите тренинзи, со цел да ја вратат љубовта кон овој спорт меѓу девојчињата, но и да се обидат да остварат добар пласман во домашните натпреварувања од есенва.
– По многу години формиравме женски кошаркарски клуб, со цел да привлечеме внимание на многу девојчиња да почнат да тренираат кошарка, да се вратат на овој спорт. Прво ни беше во план да пријавиме екипа само до 18 години, но имавме поголема заинтересираност од повозрасни девојки кои сакаат да играат, така да одлучивме уште првата година да пријавиме учество во Прва лига и во лигата до 18 години, изјави Дарко Смиљковиќ, тренер на ЖКК Куманово.
Подготовките засега течат одлично, во пресрет на кошаркарската сезона која ќе започне кон почетокот на есенва.
– Девојките се мотивирани, заинтересирани, пред се редовни на тренинзите, така да со добар тренинг и мотивација очекуваме добри резултати, појасни тренерот Смиљковиќ.
Вчера ЖКК Куманово имаше тренинг во салата на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, а таму беше и нашиот фоторепортер да ги проследи нивните подготовки.
текст/фото: Никола Ивановски