Жените на село се столбот на домаќинството (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Во градот жените сѐ уште сметаат дека не се рамноправни со своите сопрузи. Секоја година на Меѓународниот ден на жената се упатуваат пораки за поголеми права на припадничките на понежниот пол, а има и такви кои големата борба за рамноправност ја прославуваат на маса во кафеана со звукот на турбо фолк музиката.

Loading...

Сепак, на село приказната е сосема поинаква. Жените на село се рамноправни со своите мажи, извршуваат исти обврски, но се и столбот на своите домаќинства.

Екипата на Кумановски Муабети се упати кон селото Младо Нагоричане каде го посети семејството Илиевски. Во маалото Бузинци, живеат Гордана и Мира, кои не се само столбот на своето семејство, туку може да се сметаат за столбот на селото, бидејќи се едни од ретките млади жени кои сѐ уште живеат во рурална средина.

 

 

Нивниот дом е исполнет со детски џагор, бидејќи двете јатрви имаат по две деца кои исто така им помагаат во секојдневните обврски, а ги има многу.

Триесет и едногодишната Гордана Илиевска, пред 14 години од Крива Паланка својот животен сопатник го пронашла тука во селото Младо Нагоричане. Нејзиниот ден започнува во 05:30 часот и е исполнет со многу обврски.

Loading...

– Стануваме во 05:30 часот, почнуваме најпрвин со кравите, па потоа во домот. За одмор нема многу време, ако се најде ќе се одмара, ако не цел ден ќе се работи. Малку е тешко, но мора да работиме со тоа се занимаваме и не може да живееме од друго, од млеко од јагниња, добиток, вели Гордана.

До селото има пат, вода и струја, што според Гордана ги дава основните услови за живот, но она што недостасува се младите и децата.

– Настава посетуваат тука во Младо Нагоричане, тука има настава до петто одделение, до деветто одат горе и за средно мора да одат во Куманово, раскажува таа.

Две години постарата Мира Илиевска, веќе 10 години е снаа во семејството Илиевски. Таа е една од двете албански невести во селото Младо Нагоричане. Но, ја сменила верата, името и за само три месеци го совладала македонскиот јазик.

– Нема млади во селото, ретко. Нема со кого многу да се направи муабет, претежно се постари, има уште една жена од Албанија тука, со неа седиме, пиеме кафе, правиме муабет. Научив македонски за два-три месеци, нема проблеми сега може да збориме слободно. Треба да се најде време за се, мора да се заврши работата, мора да се работи, децата одат на училиште, раскажува Мира.

Мира има ќерка и син. Синот е трето одделение, а ќеркичката има пет години и оди во градинка во селото, заедно со уште 15 дечиња.

Она што за неа недостасува е времето кое го имаат жените во градот, да излезе на кафе, децата да можат да излезат во чаршија, нешто што во селото го нема.

Додека мажите работат во полето или го продаваат она што го произвеле, двете јатрви се грижат за добитокот и децата. Кога мажите ќе се вратат ги молзат овците, а Гоца и Мира го спремаат ручекот.

Loading...

Велат дека осми март на село е како и секој друг ден, исполнет со обврски.

– Овдека нема осми март, тука само работа. Мажите и жените имаат исти обврски, не гледаме дали е осми март или не, од утро до вечер има многу работа, вели Мира.

– Нема на село осми март нема, на село само работа. Ние дома повеќе седиме, за осми март не одиме никаде, дома со добитокот, нашите другарки одат, ние остануваме на село, не може да биде како во градот. Ние од тука чекаме, тука мора да работиме, додава Гордана.

Семејството се грижи за стотици грла овци и десетици крави кои се нивниот основен извор на егзистенција. Молзењето на кравите го прават со машини, а млекото го складираат во специјализиран сад, и на неколку дена го продаваат на една од млекарниците во Куманово.

И додека многу млади бегаат од селските средини, овие две жени остануваат тука, тие се потпора на своите мажи и на домаќинството. Обврските ги делат со своите сопрузи, а паралелно се грижат и нивните деца да ги образуваат и изведат на правилен пат.