Гледаме дека реформите во земјата веќе се случуваат, а преку планот наречен 3-6-9 неколку закони веќе беа усвоени во рамките на Собранието, рече амбасадорот Самуел Жбогар за оценката на напредокот на земјата во рамките на спроведувањето на европските препораки.
Како што потенцираше Жбогар при денешната протоколарна посета на Општина Куманово, Владата има јасен план како да се справат институциите со прислушкуваните материјали и опремата која постои во УБК, но има и план како да се пополнат работните места во независните институции.
– Исто така гледаме дека овој процес на реформи продолжува, тоа што ние сакаме како Европска унија да го видиме е да постои посветеност од страна на Владата која ќе продолжи и понатаму со посветеност која ќе биде споделена не само од Владата туку и од Собранието и од политичките партии во земјата, така да мислам дека овој процес на реформи е започнат добро и ние се радуваме на продолжување на овој процес на реформи, се разбира дека треба од самите државни институции да има испорачување на резултати и ако продолжат институциите со испорачување на овие резултати се разбира дека тоа ќе има позитивен ефект врз самите односи помеѓу ЕУ и земјата следната година, изјави Жбогар.
Како што посочи евроамбасадорот Жбогар за реформите е потребна соработка помеѓу сите политички чинители, а според него постои некаква соработка помеѓу власта и опозицијата, процес кој според него ќе продолжи и во иднина и ќе даде соодветни резултати.