Куманово бележи позитивен природен прираст во третото тримесечје од 2020 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, но истиот споредбено со лани бележи огромен пад.
Во јуни, јули и август оваа година во Куманово биле родени 293 деца, а починале 287 лица. Со тоа природниот прираст на населението во најголемата општина во државата изнесува шест.
Природниот прираст во Куманово во споредба со истиот период лани е во огромен пад. Во 2019 година родени биле помалку деца, но од друга страна починале далеку помалку луѓе. Во јуни, јули и август минатата година биле родени 284 деца, а починати 233 лица.
Пад има и кај бројот на склучени бракови, додека бројот на разводи е зголемен. Во првите три месеци во 2020 година биле склучени 166 бракови, а се развеле 15 парови. Во истиот период лани 199 парови го регистрирале својот брачен живот, а крај на бракот ставиле само осум парови.
Во соседната Општина Старо Нагоричане родени се само три деца во овие месеци од летото, но починале 16 лица, со што оваа рурална локална самоуправа бележи негативен природен прираст. Во истиот период се регистрирани шест бракови, а разводи немало.
И во оваа општина има пад на наталитетот. Во истиот период минатата година се родиле 11 бебиња, а починале 15 лица.
Липково бележи најголем позитивен природен прираст во Североисточниот регион. Таму во трите месеци од летото се родиле 93 бебиња, а починале 49 лица. Склучени се 96 бракови, а реализирани само три разводи.
Споредбено со лани и оваа општина бележи помал природен прираст, односно починале повеќе отколку што се родиле. Лани во истите месеци биле родени 101 дете, а починале 33 лица.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на ниво на државата бројот на живородените деца во третото тримесечје од 2020 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 5.2 % и изнесува 5 141 живородени деца.
Бројот на умрените лица во третото тримесечје од 2020 година бележи зголемување од 15.3 % во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 5 419 лицa, а од нив 23 се умрени доенчиња.
Природниот прираст е негативен, -278 лица, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.
Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 12.9 % во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 3 768 бракови.
Во ова тримесечје се добиени 357 извештаи за разведени бракови што претставува зголемување од 8.5 % во споредба со истото тримесечје од 2019 година.
Никола Ивановски