Зголемен број Украинци подготвени да направат територијални отстапки на Русија за мир

Сподели со своите пријатели

Зголемен е бројот на Украинци кои се подготвени да направат територијални отстапки кон Русија за да постигнат мир.

Loading...

Уделот на оние кои се против какви било отстапки е намален, покажа истражувањето на Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИМС), објавено денеска.

Истражувањето, спроведено во декември, покажа дека меѓу октомври и декември бројот на Украинци кои се подготвени да ѝ предадат дел од територијата на Русија се зголемил од 32 на 38 отсто за да се постигне мир, објави Украинска Правда.

Во исто време, уделот на оние кои се против какви било отстапки се намали на 51 отсто од 58 отсто на почетокот на октомври.

КИМС објави дека е зголемен бројот на Украинци кои се подготвени на компромиси во сите региони на земјата, но дека бројот на оние кои се противат на територијални отстапки е сепак поголем насекаде.

„Од песимистите 59 отсто сметаат дека треба да се направат одредени територијални отстапки, 27 отсто се категорично против. Кај оптимистите ситуацијата е токму спротивна – 60 отсто се категорично против какви било отстапки, а 31 отсто се претежно подготвени на одредени отстапки“, додаваат од КИМС.

Социолозите велат дека во декември 41 отсто ја поддржале опцијата за одложување на ослободувањето на окупираните територии и забрана за влез во НАТО, но со влез во ЕУ, додека 47 отсто ја сметаат оваа опција за неприфатлива.

За време на претходното истражување во јуни, 38 отсто од Украинците биле подготвени да ја прифатат оваа опција, а 54 отсто биле против.

Loading...

Во исто време, доколку Украина добие членство во НАТО, покрај членството во ЕУ, дури и со одложување на ослободувањето на окупираните територии, 64 отсто се подготвени да ја поддржат оваа опција, додека 21 отсто се против.

Во јуни, 47 отсто биле подготвени да ја поддржат оваа опција, наспроти 38 отсто од испитаниците кои биле против.

Повеќе од половина од Украинците, околу 60 отсто, изјавија дека ќе ја прифатат опцијата за членство во НАТО и ЕУ и ослободување на регионот Керсон и Запорожје, а истовремено ќе го одложат ослободувањето на Донбас и Крим.

Против таа опција се 26 отсто од Украинците, наспроти 33 отсто од луѓето кои се спротивставија на оваа опција во јуни, пренесува Танјуг.