Силен земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел од индонезискиот остров Суматра, соопшти Индонезиската геофизичка агенција (БМКГ), поради што е издадено предупредување за цунами.
Претходно Европскиот медитерански сеизмолошки институт (EMSC) соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,9 степени.
По земјотресот, чиј епицентар беше на длабочина од 84 километри, беше издадено предупредување за цунами, додаде Индонезиската метеоролошка служба.
Агенцијата побара од тамошните власти веднаш да ги повикаат жителите да се држат подалеку од брегот.
По главниот следеа серија помали земјотреси од кои некои беа со јачина од 4 степени според податоците на БМКГ.
Земјотресот беше силно почувствуван во Паданг, административниот центар на провинцијата Западна Суматра, каде што многу жители се оддалечија од брегот, изјави Абдул, жител на Паданг, додавајќи дека засега не забележал поголема материјална штета.
На видеата на локалните весници може да се забележат жители на Паданг како пеш и со мотори одат кон височините.
Некои носеа ранци додека други се стуткаа под чадори за да се заштитат од дождот.
– На островот Сиберт луѓето веќе се евакуирани. Им беше кажано да останат во засолништа додека не се укине предупредувањето за цунами, изјави локалниот лидер Новиандри за TvOne.
Земјотресите се вообичаени во Индонезија, која се наоѓа на таканаречениот Огнен прстен на Пацификот, сеизмички активна област каде што се спојуваат плочите на Земјината кора.