Украинската воздушна одбрана собори најмалку 50 од вкупно 70 ракети лансирани денеска од руските сили, насочени кон енергетската инфраструктура на Украина, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Денес (рускиот претседател Владимир) Путин намерно го избра Божиќ за да нападне. Што може да биде понечовечно? Повеќе од 70 проектили, вклучително и балистички ракети, и повеќе од сто нападни беспилотни летала“, рече Зеленски во објавата на Телеграм.
Тој истакна дека цел на нападот била енергетската инфраструктура, и дека поради нападот дошло до прекин на електричната енергија во неколку региони на Украина, пренесува Ројтерс.
„Целите се нашиот енергетски сектор. Тие продолжуваат да се борат за затемнување во Украина“, рече Зеленски.
Руските сили ги нападнаа и електраните на најголемата украинска приватна енергетска компанија ДТЕК, сериозно оштетувајќи ја опремата, соопшти компанијата.
Претходно денеска градоначалникот на Харков, Игор Терехов, соопшти дека најмалку три лица се повредени во руски ракетен напад врз тој град.
Украинските воздухопловни сили објавија дека Харков бил нападнат со балистички проектили, а локалниот гувернер Олег Синегубов во објава на Телеграм изјави дека во нападот биле оштетени „цивилни нестанбени инфраструктури“, јави Танјуг.
Министерот за енергетика на Украина Херман Галушченко изјави дека Русија „масовно го напаѓа енергетскиот сектор“, поради што е ограничено снабдувањето со електрична енергија, пренесува Ројтерс.
Русија ги интензивираше нападите врз енергетскиот сектор на Украина од пролетта и оштети речиси половина од производствениот капацитет на Украина, често предизвикувајќи повеќечасовни прекини на струја низ целата земја.