Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руската армија не се подготвува за крај на војната, туку презема чекори што, како што вели, укажуваат на подготовки за нови офанзивни операции.
Во објава на социјалните мрежи, тој им се заблагодари на лидерите на ЕУ за нивната поддршка за независноста и територијалниот интегритет на Украина и нагласи дека единството на позициите не смее да биде загрозено, повикувајќи ги партнерите дополнително да го зголемат притисокот врз Русија.
„Сите заедно разговараме за прашања што се однесуваат на безбедноста на Украина и Европа. Секоја одлука мора да придонесе за нашите заеднички безбедносни капацитети. И ако Русија одбие да го запре убивањето, таа мора да сноси одговорност за тоа“, рече Зеленски.
„Сите ја поддржуваме решителноста на Трамп“
Тој, исто така, го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп да одржи самит со рускиот претседател Владимир Путин.
„Навистина, сите ја поддржуваме решителноста на претседателот Трамп и заедно мора да формираме позиции што нема да дозволат Русија повторно да го измами светот“, рече Зеленски.
Тој додаде дека, сè додека војната и окупацијата продолжуваат, сите мора заедно да одржуваат притисок – преку воена сила, санкции и дипломатија.
„Им благодарам на сите што помагаат. Мир преку сила“, заклучи украинскиот претседател.