Зеленски: Путин се крие зад преговорите за да избегне санкции

Loading...
Сподели со своите пријатели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја користи темата за мировни преговори како средство за избегнување на притисокот од построги санкции против Русија.

Тој оцени дека е важно Москва да му покаже на американскиот претседател Доналд Трамп дека постои „дипломатски мост“ меѓу Украина и Русија.

„Зошто? Санкциите да не се воведуваат против Русија додека траат преговорите. Бидејќи Путин секогаш може да каже: „Разговараме еден со друг! Ако се воведат санкции, нема да има повеќе преговори“, рече Зеленски во интервју за „Билд“.

Претседателот на Украина верува дека САД треба да воведат санкции против Русија за Путин да се согласи да ја заврши војната.

Тој оцени дека американскиот лидер сега ги гледа „вистинските намери на руската страна“.

„Претседателот Трамп гледа дека руската страна не е целосно отворена и искрена за војната. Мислам дека Русија само го лаже Трамп“, рече Зеленски.

Тој истакна дека Путин не може да издржи долга војна со партнерите и притисокот од санкциите и оцени дека „бавното“ воведување санкции е во корист на Москва.

„Ова му даде шанса на Путин да се прилагоди. Путин смета дека неговата економија сега страда, но сака да купи повеќе време пред да бидат воведени строги санкции, бидејќи може да издржи некое време“, рече Зеленски.

Loading...

Тој нагласи дека строгите санкции против Руската Федерација треба да се воведат сега, истакнувајќи дека „колку е поголема поддршката од партнерите, толку помалку Украинци ќе умрат“.

„Луѓето не се дрва што ги фрламе во оган. Ние не се однесуваме кон нашите луѓе на начин на кој се однесуваат Русите“, заклучи украинскиот лидер, според Танјуг.