Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од Западот повеќе оружје за да се спротивстави на руската инвазија на Украина, порачувајќи им на лидерите на десет европски земји дека со помош на Киев ќе си помогнат самите себеси.
Обраќајќи се на видео-врска до лидерите на земјите од Здружените експедициски сили (ЏЕФ), Зеленски рече дека украинската армија забрзано троши оружје и друга опрема што западните земји му ги доставиле на Киев.
Зеленски на средбата на лидерите на земјите од ЏЕФ во Лондон апелираше и за воведување целосно трговско ембарго кон Русија, велејќи дека воведените санкции не се доволни за да се запре напредокот на Русија во Украина.
„Мораме да признаеме дека Русија е одметничка држава и мора да се воведе трговско ембарго со Русија. Тоа е нешто што ние, но вие, како и остатокот од светот, треба да обезбедиме мир во Европа и Украина“, рече Зеленски.
Тој ја повтори својата фрустрација поради одбивањето на НАТО да воведе зона на забранети летови над Украина.
Групата ЏЕФ, предводена од Велика Британија, беше создадена да реагира брзо на меѓународните кризи. Се состои од десет земји, вклучително и членки на НАТО како Велика Британија и балтичките земји, но и земји кои не се дел од алијансата, како Шведска и Финска.