Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека следната година неговата земја ќе започне со извоз на оружје со цел да ја финансира одбраната од руската инвазија.
„Благодарение на овој контролиран извоз, ќе продолжиме да произведуваме беспилотни летала за бојното поле“, рече Зеленски во вечерна видео порака.
Домашното производство на одредено оружје веќе ја надмина побарувачката, рече тој.
„Еден од примерите се поморските дронови, на кои светот се потпира и од кои имаме премногу, како и противтенковско оружје и други видови (оружје)“, истакна Зеленски.
Сепак, приоритет ќе продолжи да биде испораката на оружје на првата линија на битката и обновувањето на украинскиот арсенал.
Концептот за извоз ќе се развива во текот на следните две недели.
„САД на прво место“
Извозот и соработката со Соединетите Американски Држави ќе бидат на прво место за Украина, по што ќе следат испораките до европските партнери, а потоа и други земји кои се заинтересирани за украинско оружје и кои досега му дале поддршка на Киев.
„Украина нема да го дава своето оружје како „милостина“ на оние на кои не им е грижа за Украина“, рече Зеленски, како што објави Хина.
Извозот е предмет на „сигурни проверки“ за да се осигури дека „украинските технологии“ нема да завршат во руски раце или во рацете на руските сојузници.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од три и пол години, а во тој период доби невидено ниво на финансиска помош и испораки на оружје од западните сојузници, забележува ДПА.