Во неделата, украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека украинските сили се повлекле од Лисичанск во Донбас, но најави дека тактиката на армијата и новото оружје ќе ја вратат контролата врз таа област.
– Ако командантите на нашата армија ги повлечат луѓето од одредени точки на фронтот каде што непријателот има вооружена супериорност, а што важи и за Лисичанск, тоа значи само едно – рече Зеленски во вечерното обраќање.
– Дека ќе се вратиме благодарение на нашата тактика и забрзувањето на пратките на модерно оружје – додаде тој.
Руските државни медиуми во неделата наутро објавија дека руските и сепаратистичките сили презеле целосна контрола врз Лисичанск, последниот голем град под контрола на Украина во областа Луганск, по падот на Северодонецк.
Според соопштението на руското Министерство, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го информирал рускиот претседател Владимир Путин дека „целиот регион Луганск е ослободен“.