Зеленски му рече на Трамп од него да очекува „јасна позиција“

Сподели со своите пријатели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика американскиот претседател Доналд Трамп да заземе „јасна позиција“ за прекинување на војната во Украина, нагласувајќи ја потребата од силни лични чекори за да „се натера Путин да се плаши од него“.

Во интервју за „Скај њуз“ во претседателската палата во Киев, Зеленски истакна дека клучот за запирање на конфликтот е воспоставување дефинирани безбедносни гаранции за Украина.

Тој нагласи дека ова може да се постигне само ако Трамп е „храбар“ и преземе конкретни акции, вклучително и пакет санкции против Русија и обезбедување безбедносни гаранции за Украина.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Западот испраќа оружје, но нема војници: На Украина ѝ се заканува демографска катастрофа

„Пред да ја завршиме војната, сакам сите договори да бидат во сила. Ни треба документ поддржан од САД и сите европски партнери. Ова е многу важно“, рече Зеленски и додаде дека „јасната позиција на претседателот Трамп“ е од клучно значење.

Зеленски, исто така, го повика Трамп да преземе „силни чекори“ за да го запре Путин, нагласувајќи дека САД имаат доволно ресурси за тоа, вклучувајќи системи за воздушна одбрана и санкции што би можеле да ја ослабнат руската економија.

„Верувам дека САД се доволно силни сами да донесуваат одлуки. Верувам дека Доналд Трамп може да ни обезбеди системи за воздушна одбрана во количина, а САД имаат доволно од нив. Исто така, сум сигурен дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија. Европа веќе воведе 18 пакети санкции против Русија. И сè што недостасува сега е силен пакет санкции од САД“, рече Зеленски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп ја нарече Русија агресор

Коментарите на украинскиот претседател следеа по претходните изјави на Трамп во кои ги повика сојузниците во НАТО да престанат да купуваат руска нафта и да воведат царини за Кина со цел да извршат притисок врз Москва.

Зеленски ја критикуваше претходната средба на Трамп со Путин, тврдејќи дека тогаш „му дал многу на Путин“.

Тој, исто така, коментираше за моменталната ситуација во врска со нападите врз Украина, истакнувајќи дека Путин го тестира НАТО и сака да види реакции на дополнителна поддршка за Украина, вклучувајќи системи за воздушна одбрана.

Во меѓувреме, Трамп денес пристигнува во државна посета на Велика Британија, каде што ќе се сретне со британските лидери, вклучувајќи го и премиерот Кир Стармер.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп најави тужба од 15 милијарди долари против „Њујорк тајмс“