Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му ја честиташе победата на изборите на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп и рече дека верува во продолжување на силната поддршка на таа земја за Украина.
„Се радуваме на ерата на силни Соединети Американски Држави под водство на претседателот Трамп. Веруваме во продолжување на силната, двопартиска поддршка за Украина во Соединетите Американски Држави“, рече тој, пренесува Укринформ.
Тој потсети на средбата со Трамп што се одржа во септември, на која детално се разговараше за темите за стратешкото партнерство меѓу Украина и САД, Планот за победа и начините за завршување на војната.
Тој ја истакна важноста на улогата на САД во обезбедувањето долгорочна политичка и економска стабилност.
Според него, Украина, како една од најсилните воени сили во Европа, останува посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност на европскиот континент, како и во Трансатлантската заедница, со поддршка на своите сојузници.
Украинскиот функционер, исто така, ја очекува можноста лично да му честита на претседателот Трамп и да разговара за начините за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Украина и САД.
Со 78 години, Трамп ќе стане најстариот претседател некогаш избран, првиот поразен претседател во последните 132 години кој освоил уште еден мандат во Белата куќа и првиот човек осуден за кривично дело што ја окупирал Овалната соба.