Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека имал многу добар разговор со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата објава за испраќање ново оружје во Украина, додавајќи дека се согласиле да разговараат почесто во иднина за да ги координираат своите чекори.
„Беше многу добар разговор. Му се заблагодарив на Трамп за неговата подготвеност да ја поддржи Украина и за понатамошната соработка со цел да се запре убивањето и да се воспостави траен и праведен мир“, напиша Зеленски на Телеграм.
Зеленски рече дека тој и Трамп се согласиле да разговараат почесто со цел да ги координираат чекорите во иднина.
Трамп вчера им рече на новинарите дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и „многу незадоволен“ од Русија, додавајќи дека сака војната во Украина да заврши.
„Ќе произведуваме врвно оружје и тоа ќе биде испратено во НАТО“, рече Трамп, додавајќи дека сојузниците на Вашингтон во НАТО ќе платат за оружјето.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја потврди изјавата на Трамп и ја опиша како „сосема логична“.
Вредноста на оружјето се мери во милијарди евра, а оружјето би ги вклучувало и противвоздушните ракети „Патриот“ кои на Украина итно ѝ се потребни за да ги брани своите градови од руските воздушни напади.