Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од израелскиот премиер Нафтали Бенет да биде домаќин и да помогне во преговорите меѓу Украина и Русија, изјави денеска украинскиот амбасадор во Израел Евгениј Корнијчук за Си-Ен-Ен.
„Нашиот претседател верува дека Израел е единствената демократска земја која има одлични односи и со Русија и со Украина и дека може да биде домаќин на овие преговори“, рече Корнијчук.
Тој рече дека Ерусалим ќе биде подобро место од Минск, каде што се одржаа разговорите минатиот пат, бидејќи Белорусија е близок сојузник на Русија, а Украина не верува во легитимитетот на актуелниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко.
„Дефинитивно треба да го смениме местото на состанокот и веруваме дека Ерусалим може да биде добро место за тоа“, рече Корнијчук.
Што се однесува до одговорот на Израел на тоа барање, амбасадорот рече дека земјата „не се согласила, ниту ја отфрлила таа опција, туку ја разгледува, што е позитивен знак“.
Портпаролот на Бенет не ги коментираше наводите, кои првпат ги објави израелскиот канал Кан 11.

