Здружението „Љубов и дом“ се грижи за кучињата скитници во Куманово

Сподели со своите пријатели

Од волонтерска идеја до формирано здружение, „Љубов и дом“ веќе некое време се грижи за кучињата бездомници во градот.

Бројот на кучиња скитници е се поголем, па волонтерската работа веќе не е доволна за да се пружи грижа за сите нив. Членовите на здружението ги собираат кучињата од улица, ги стерилизираат, а целта на таквото дејствување е да се намали бројот на бездомни кучиња во градот.

Сега за почеток ги стерилизираме, ги храниме, со тоа што имаме помош со некои ветеринари од Ветеринарната станица од Куманово и некои други лекари кои што ни помагаат и тие волонтираат со нас. Да се стерилизираат кучињата за да се намали нивниот број во градот. Би ни требало повеќе помош, ни треба простор каде би можеле да ги дигаме, сега наоѓаме простор, но ни треба поголема помош од градот за да и ние му помогнеме на градот за да се реши овој проблем – вели Драгица Мишевска, претседател на Здружението на граѓани „Љубов и дом“.

 

Според Мишевска кумановци нема потреба да се плашат од кучињата со жолта обетка бидејќи тие се вакцинирани и не се агресивни.

Тоа што можеме да апелираме за почеток е луѓето да не се плашат од сите кучиња, туку да си ги учат своите деца дека не се сите кучиња страшни, нема потреба да бегаат, ние гледаме мајки, деца, баби кои бегаат, значи нема потреба, кучињата не се толку страшни. Апелот и кој сака да помогне на нашата фејсбук страница да ни пише и да ни помогнат на било кој начин. Дали ќе помогнат со чување на кучињата, дали некој денар ќе се стави на сметката, секоја помош е добредојдена – вели Мишевска.

Кучињата кои ги собираат од улица ги стационираат привремено кај волонтерите од здружението, кои се грижат за нив, ги хранат и вакцинираат.

Според членовите на здружението неодамнешните случаи кога кучиња каснуваа луѓе се изолирани случаи и нивниот процент е многу мал. Се случува во претежно рурални средини и нема потреба луѓето да се плашат.