Заврши манифестацијата „Месец на книгата“ во Куманово, информираа денеска надлежните од библиотеката „Тане Георгиевски“. Годинава, појаснија од библиотеката, манифестацијата се одвиваше во посебни услови согласно почитувањето на мерките и протоколите.
Немаше свечена манифестација, но учениците и нивните ментори покажале интерес и се пријавија на литературниот и ликовниот конкурс кој траеше од 15-ти октомври до 15 ноември.
-Годинава, на наградниот литературен конкурс на тема „Преку книгата во светото на фантазијата“ се јавија 100 ученици, од сите 22 основни и средни училишта доставија литературни и 50 ликовни творби за ова манифестација. Стручно жири одлучи да додели награди за најуспешните прозни, поетски и ликовни творби на учениците-изјави директорката на библиотеката, Христина Алексовска.
Библиотеката оваа година ја прескокна посебната програма која се спроведуваше изминативе години, а која беше во насока на популаризација на книгата, на поттикнување на младите и сите корисници на библиотечните фондови на читање и зајмување книги.
– Задоволни сме од одѕивот на учениците кои и покрај ваквите услови приложија креативни литературни и ликовни творби-изјави Алексовска.
Претходните месеци, библиотеката на отворено, пред установата во соработка со издавачки куќи организираше мини саеми на книгата.
Кумановската библиотека е една од најбогатите во државата и неколку пати годишно го обновува книжниот фонд.