Зградата на поранешниот хотел „Солун“ во Куманово е реконструирана и пуштена во употреба како културен споменик на градот, а со тоа заврши и проектот „Заедничка историја и култура – Мост преку границите“ што се спроведуваше во партнерство со Општина Дупница од Бугарија, а со поддршка на ИПА програмата.

Како што истакна вчера Александар Крстевски, раководител на Сектор за меѓународна соработка и евроинтеграции, на завршната прес конференција кој се одржа во зградата на поранешен Комитет, изградени се дополнителни простории со цел да се обезбеди функцијата како културен институт.

– Изградени се дополнителни простории во Дупаница со цел да се обезбеди нејзината функција како културен институт со складишна, лабораториска и изложбена сала за стариот градски животен стил во прекуграничниот регион, додека во просториите на Хотел „Солун“ ќе се обезбеди простор за одредени организации и дел од општинската администрација и инфо точка каде сите граѓани ќе можат да земат информации за случување во градот и тековните активности, рече Крстевски и додаде дека преку истиот проект, е обезбеден пристапот на лицата со хендикеп во Општинскиот културен институт во Дупница.

Во рамките на проектот кој поранешен хотел „Солун“ го претвори во културен објект, набавен е и мебел и према со цел да ги обезбеди новите функции како културно и туристичко место.

– Идејата е подобрување на туристичкиот потенцијал и зачувување на културното наследство на прекуграничниот регион со примена на иновативни средства за туристичка промоција, изјави Крстевски.

Инаку вкупна вредност на проектот изнесува околу 500.000 евра, средства од програмата за прекугранична соработка на ЕУ, а рамномерно распределени меѓу двете општини Куманово од Македонија и Дупница од Бугарија.

Никола Ивановски

