Затворениот руски опозиционер Кара-Мурза повика да не се „очајува“ по смртта на Навални

Сподели со своите пријатели

Затворениот руски опозиционер Владимир Кара-Мурза денеска ги повика Русите „да не очајуваат“ и да ја продолжат борбата за демократија по смртта на Алексеј Навални во затвор.

Loading...

„Сè уште не можам рационално или емотивно да сфатам што се случи. Но, ако подлегнеме на нерасположението или очајот, тоа е токму она што тие го сакаат. Ние немаме право да го правиме тоа, тоа им го должиме на нашите паднати соборци“, рече Кара-Мурза кој преку видео врска говореше за време на рочиштето пред судот.

Долгогодишниот пријател на Алексеј Навални, Владимир Кара-Мурза, исто така бил близок со Борис Немцов, опозиционер убиен во близина на Кремљ во 2015 година.

Во вторникот, Кара-Мурза зборуваше за смртта на Навални во пораката што неговиот тим ја сподели на социјалните мрежи.

Тој напиша дека Владимир Путин е лично одговорен за смртта на Алексеј Навални, бидејќи, како што рече, Алексеј бил „личен затвореник на Путин“.

„Одмазднички, миризлив, алчен старец ја држи својата смртоносна контрола и уништува сè што гледа како закана за неговата моќ“, додаде Кара-Мурза, мислејќи на претседателот Владимир Путин.

Кара-Мурза, кој има и руско и британско државјанство, минатата година беше осуден на 25 години затвор под обвинение за велепредавство, за ширење „лажни вести“ за руската војска и одржување врски со „непожелна организација“.

Тоа е најтешката затворска казна изречена на опозиционер во последните години во Русија.

Loading...

Освен тоа, според неговите приврзаници, тој е во многу лоша здравствена состојба, што е последица на тоа што во минатото два пати бил во затвор.

Тој во пораката вели дека за смртта на Навални дознал преку радиото, во неговата ќелија, на 16 февруари, кога управата на затворот во кратко соопштение објави дека Навални починал.

Од затворот во Сибир, Кара-Мурза изрази надеж дека Русија ќе стане нормална и слободна европска демократска земја.

„Алексеј рече не се откажувај. Невозможно е да се откажеш“, рече Кара-Мурза.

Руската затворска служба во петокот на 16 февруари објави дека Навални починал во поларната затворска колонија каде што издржувал 19-годишна затворска казна за „екстремизам“.

Неговата смрт предизвика тврдења ширум светот дека тој бил убиен од владата.