Дваесетина осудени лица кои затворската казна ја служат во кумановскиот затвор во селото Кшање, имаа можност да уживаат во театарската претстава „Бегај еве ја жена ти“ која ја изведоа актерите од Театар Куманово.
Идејата за претставата се родила помеѓу директорот на затворот Марјан Спасовски и директорот на Центар за култура „Трајко Порокопиев“ со цел полесно реинтегрирање на осудените граѓани во општеството.
– На овој начин сакаме да ги срушиме оние стереотипи за затворите во Македонија, овие лица се само лишени од слобода и се на извршување казна затвор, поголемиот дел од нив не се големи криминалци. Во план сме во соработка со Министерството за образование и наука и УНДП да продолжи обуката за пекари и бравари со која осудените лица се стекнуваат со сертификат и можат да конкурираат на пазарот на трудот. Сакаме да направиме и мини концерт и една изложба, рече директорот на Затвор Куманово, Марјан Спасовски.

Како што додаде Спасовски интерес кај осудените да учествуваат во програмите за ресоцијализација е голем, а дел од нив и сакаат да се занимаваат со уметноста.
За актерите од кумановскиот театр кои по 30ти пат ја играа претставата „Бегај еве ја жена ти“, ова е ново искуство и изразија задоволство од реакциите на гледачите.
– Треба и на овие луѓе кои се овде да им се овозможи една хумана димензија на живење, не да бидат исклучени тотално од се она што е надвор, туку на некој начин ова се вика казнено-поправен дом, луѓето треба да се поправат и хуманизираат, да дојдат на себе, но вака со вакви претстави, книги, проекции, би можело да дојде до тоа, изјави актерот Горан Илиќ.

На почеток бевме малку исплашени, вели младиот актер Давид Илиќ, кој тоа сепак го препиша на стигмите и бариерите на општеството дека луѓето во затворот се лоши.
– Многу убаво не прифатија, многу се забавуваа и тие и ние, и убаво си поминавме, ја почуствувавме енергијата на публиката, многу позитивно не прифатија, имавме страв дека нема да не прифатат, ќе има мрштење, чудни фаци, но многу убаво поминавме, изјави младиот Илиќ.

И додека трае најголемиот театарски фестивал во градот „Денови на комедијата“, кумановскиот театар сепак најде време за прв пат во својата историја да одигра пртетстава на едно поинакво место и поинаква публика. Продуцентот Симона Тоскиќ вели изрази надеж дека често ќе гостуваат во казнено-поправната институција и дека тоа ќе има голем бенефит на за осудениците.
– Со оваа претстава секогаш имаме одлична реакција од публиката, така да се надевам дека и во иднина тука ќе им понудиме ваква забава.


