Со изложба на творби од овогодинешните учесници, вчеравечер свечено беше затворена традиционалната ликовна колонија „Куманово 2025“, која се одржа од 6 до 11 август.
Манифестацијата, под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам на Република Македонија, ја организираа Фондацијата за култура и спорт – Куманово и Музеј Куманово.
На 51. издание на колонијата учествуваа 11 ликовни автори од Македонија, Србија, Бугарија и Романија.
Уметниците работеа на слободна тема, користејќи различни техники, меѓу кои масло на платно, акрил и комбинирана техника.
Во текот на петдневниот настан, учесниците посетија повеќе културно-историски знаменитости во Куманово и околината, запознавајќи се со локалното културно наследство.
На свеченото затворање, членови на Советот на Општината и претставници од општинската администрација добија благодарници од организаторите за поддршката на оваа уметничка манифестација.
Никола Ивановски