Затворен руски опозиционер: Свесен сум за опасноста. Мојот живот е во рацете на Путин

Сподели со своите пријатели

Затворениот руски опозициски политичар Илја Јашин денеска, откако дозна дека неговиот пријател и колега Алексеј Навални починал во затвор, вети дека ќе продолжи да се бори за демократија во Русија.

Loading...

„Се додека моето срце бие во моите гради, ќе се борам против тиранијата. Додека живеам, нема да се плашам од злото“, објави Јашин на социјалните мрежи.

Во декември 2022 година, Јашин беше осуден на осум и пол години затвор за, според обвинението, ширење лажни информации за руската армија.

„Јас сум зад решетки. Мојот живот е во рацете на Путин“

„Се разбира, свесен сум за опасноста. Јас сум зад решетки. Мојот живот е во рацете на Путин“, додаде тој.

Јашин беше сојузник на Навални и близок со Борис Немцов, уште еден опозициски политичар кој беше убиен во 2015 година, пишува АФП.

„Ние делевме заедничка цел. Ги посветивме нашите животи Русија да биде мирна и слободна. Сега и двајцата мои пријатели се мртви“, вели Јашин.

Тој рече дека дознал за смртта на Навални во затвор во близина на Смоленск во западна Русија.

„Путин верува дека на тој начин ја воспоставува својата моќ – преку убиства, мачење и одмазда“, рече тој.

Loading...

На Јашин, поранешен окружен советник во Москва, му беше судено поради видео објавено во април 2022 година на Јутјуб во кое тој разговараше за доказите откриени од западните новинари за руските воени злосторства во Буча.